Респираторните инфекции на горните дишни патишта се најраспространети заболувања кои се сретнуваат во секојдневната практика на детската возраст, типични за есен, зима и за рана пролет. Повеќе од 50% од пациентите кои доаѓаат на лекар имаат горнореспираторни инфекции, и тоа деца до 5-годишна возраст со честота 6 до 9 пати годишно во просек. Во оваа категорија спаѓаат деца кои посетуваат јасли или  градинки или деца кои имаат постари браќа и сестри кои одат на училиште и ги пренесуваат инфекциите дома.

 

Кои се најчести причинители

Најчести предизвикувачи на инфекциите се вирусите, бактериите и микоплазмата. Инфекциите се манифестираат како ринити, фарингити, отити, синузити и ларингити, придружени со полесни или потешки симптоми на болеста.

 

Во 80-90% од инфекциите се од вирусно потекло, при што најчести причинители се: риновируси, респираторно-синцициелен вирус, корона вирус, вирус на инфлуенца, параинфлуенца и аденовируси. Клиничката слика се манифестира полиморфно. Се појавува покачена телесна температура со јасно изразени катарални симптоми, течење на носот, солзење на очите, кивавица и кашлица. Клиничката слика е дополнета со засипнатост, слаба главоболка, болка во грлото, замореност итн.

 

Во 10% од случаите, најчесто над 5-годишна возраст, предизвикувачи на инфекциите се бактерии од типот на стрептококи, стафилококи, хемофилус инфлуенце и др. Кога се работи за бактериска инфекција, засегната е општата состојба на детето; тоа е исцрпено, високофебрилно, често интоксицирано и бледо, има болки во грлото поради што му е отежнато голтањето, често има оток на регионални лимфни јазли, намален апетит и сл.

 

Раната дијагностика е особено важна

Многу е важно навремено да се дијагностицира етиолошкиот фактор, односно предизвикувачот на инфекцијата со добро земена анамнеза од родителите, со клинички преглед кој треба да биде сеопфатен, надополнет со одредени лабораториски анализи со што ќе се потврди точната дијагноза. Од тоа зависи натамошното лекување на инфекцијата кај детето. При бактериска инфекција даваме антибиотици соодветни на причинителот, а при вирусна инфекција третманот е симптоматски, со давање на антипиретици, витамини, течности и здрава храна. При вакви состојби, давањето антибиотици е исклучено! 



Кога да се обратиме на лекар

 

Природно се поставува прашањето: како и кога треба детето да се однесе на лекар?

Доколку детето има секрет во носето, ако поткашлува, особено кога е во лежечка положба, ако нема температура, ако е расположено и има нормален апетит, тогаш треба редовно да се чисти носот со солени капки, да се причека детето да заздрави, односно детето да се лекува во домашни услови. При вакви состојби, во кои заздравувањето оди добро и состојбата не се влошува, нема потреба од посета на лекар.

 

Доколку детето има  висока температура, проследена со  кашлица и секреција  од нос, ако е нерасположено и плачливо, ако тешко дише, ако повеќе од времето е во кревет, не сака да јаде или повраќа, тогаш посетата на лекар/педијатар е задолжителна.

 

Родителите се тие кои треба да внимаваат детето да јаде здрава храна, богата со витамини и минерали, да има здрав сон и здрава околина. На тој начин, се јакне и се поддржува имунитетот на детето, како најважна алка во одржувањето на здравјето.

 

Дијабетесот кај децата е здравствен проблем кој може да го добие секое дете, без разлика на годините. Станува збор за сериозно нарушување кое доколку соодветно не се лекува и не се контролира, може да има и последици што го загрозуваат животот. За среќа, повеќето дијабетичари живеат долго и здраво. Симптомите на дијабетес кај децата може лесно и навремено да се воочат, а еднаш кога ќе биде утврдена болеста, треба да се преземат чекори за нејзино контролирање и на детето да му се дадат насоки и поддршка за живеење со неа.
 

Што е дијабетес?

Дијабетесот е хронично заболување кое се карактеризира со зголемени вредности на шеќер (гликоза) во крвта. Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.

Типови дијабетес

Постојат три главни типа дијабетес:

  • Дијабетес тип 1 (инсулинозависен дијабетес). Станува збор за автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се појавува на која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или кај млади луѓе. Кај овој тип дијабетес, панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин. 

  • Дијабетес тип 2 (инсулинонезависен дијабетес). Овој тип е најчеста форма на дијабетес. Претежно ги афектира возрасните, но во последните години се појавува и кај тинејџерите и кај младите лица, поради прекумерното зголемување на телесната тежина. Кај овој тип дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или тоа количество не е доволно за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот. 


Симптоми и знаци на дијабетес тип 1
 

Бројни се симптомите и знаците кои укажуваат дека е можно детето да има дијабетес тип 1, а најчести се: 
 

- зачестено мокрење на поголеми количества урина

- зголемена жед

- сувост на устата и грлото

- губење на тежината

- зголемен апетит

 - чувство на замор

- пеленски исип кај доенчињата, кој не поминува со вообичаена нега

- нарушување во однесувањето
 



Симптоми и знаци на дијабетес тип 2
 

Тешко е да се дијагностицира дијабетес тип 2 кај децата и кај младите, затоа што почнува со благи симптоми или без симптоми. Појавата на овој тип дијабетес е сè почеста, особено кај децата и кај адолесцентите, и се поврзува со начинот на живот и со зголемената телесна тежина, со многу мала или со никаква физичка активност, и со консумирање брза и биолошки безвредна храна.

Во споредба со дијабетесот тип 1, дијабетесот тип 2 почнува со благи симптоми: 

- зачестено мокрење на поголеми количества урина

- зголемена жед

- зголемено чувство на глад

- губење на телесната тежина

- заматен вид 

- габични инфекции 

- подолго зараснување на рани

- чувство на замор и исцрпеност

Дијабетесот тип 2 е најчест кај децата на возраст од 10 до 19 години. Просекот е 13 години, и е обично во корелација со пубертетот.

 

Животните навики – најважни за превентива и за контрола на дијабетесот

 

Дијабетесот се контролира со комбинација од здрава исхрана, физичка активност и намалување на телесната тежина. Некои дечиња и млади мора да земаат и инсулин, особено оние со дијабетес тип 1, но ниту инсулинот, ниту лековите не може да ја заменат здравата исхрана, редовната физичка активност и одржувањето на оптималната тежина. 
 

Примената на здравите животни навики може долгорочно да има позитивен ефект на вашето здравје и на превентивата од добивање дијабетес.

Сè поголем број од децата и младите имаат нездрави животни навики. Јадат брза храна, прекумерно и непотребно консумираат разни „грицки“, газирани напивки и слатки, а за сметка на ова, ги прескокнуваат оброците и не внесуваат доволно свежи зеленчук и овошје, и не се доволно физички активни.

 

Дебелината кај децата како фактор за дијабетес

Дебелината кај децата сè почесто е активатор за дијабетес, отколку генетската предиспозиција. Дебелината која може да доведе до дијабетес, денес, е честа и е во пораст, и веќе не е резервирана само за возрасните. Сè повеќе дечиња се соочуваат со оваа дијагноза, која може да се припише на начинот на живот и на исхраната која им е на располагање во секое време, најчесто како нездраво и брзо решение.

 

Додека напоредно со епидемијата од дебелина, расте и епидемијата од дијабетес, особено загрижува фактот што старосната граница на оние со зголемена телесна тежина, а со тоа и на оние со дијабетес, се поместува кон децата и кон младите. 

 

Што треба да знаат родителите?

 

 

Умерена и избалансирана исхрана за превенција од дијабетес

 

Умерената и избалансирана исхрана треба да биде навика всадена од мали нозе.

Секако, само родителите се најзаслужни за овој дел. Не е доволно само да му зборувате на вашето дете како треба да се однесува, најважно е да му бидете добар пример, затоа што  децата најбрзо учат гледајќи ги своите родители. Посветете посебно внимание на навиките на вашето дете. Дали се чувствува добро во своето тело? Дали се движи лесно, радосно, извршувајќи ги без проблем активностите кои ги сака? Дали јаде разновидна храна? Секако дека децата секогаш бараат слатки и „грицки“, но дали следат некој семеен образец и распоред на оброците, внесувајќи секој ден доволно зеленчук, овошје и  житарки? Дали секој ден во чинијата имате зеленчук во различни бои, како спанаќ, брокола, карфиол, морков, цвекло, модар патлиџан и слично?

Денешните медиуми секојдневно ги „бомбардираат“ децата со реклами за брза храна, за разновидни „грицки“ и за нездрави напивки – за безвредна храна која потенцијално води кон дебелина и кон дијабетес. Затоа, вие како родители, важно е да им ја покажете „другата страна“, поточно да им објасните дека тоа што го гледаат на малиот екран, едноставно, не е најдобро решение, и дека постојат голем број алтернативни и поздрави избори на храна.
 

Семејни оброци
 

Истражувањата покажуваат дека децата кои јадат со останатите членови на семејството, а додека трае оброкот не гледаат телевизија, имаат здрави навики и мал ризик од дебелина. Позитивната семејна динамика, како лесен разговор, смеење, релаксирана атмосфера и слично, се поврзува со намален ризик од дебелина кај децата, а со тоа и од појава на дијабетес. Иако секојдневните семејни оброци денес не се возможни поради различните распореди и дневните обврски на родителите и на децата, потрудете се да јадете заедно два до три пати неделно. Секогаш храната послужете ја на трпезариска маса, а никако пред телевизискиот екран.
 

Физичка активност
 

Редовната физичка активност и квалитетот на времето поминато со семејството се подеднакво важни за одржување на здравјето, како физичкото, така и менталното.
Поттикнете ги децата да бидат што е можно повеќе активни и да го ограничат времето на седење, без разлика дали цртаат, гледаат телевизија или играат компјутерски игри. Како што децата растат, тие ќе мора да седат повеќе поради училишните обврски, па искористете го времето додека сè уште се мали за да се навикнат на што повеќе движење и забава. Училишните спортови или разните организирани активности за деца се дефинитивно добар избор, но, исто така, најголема корист и за себе и за децата, е ако заедно со нив одите во парк за време на викендот, на секојдневна прошетка, возење велосипед и слично. 

 
 
 
 
 
 

Менталното здравје кај децата е многу кревко и подложно на секаков вид сила, закана, злоупотреба, заплашување или агресивно доминирање. Врсничкото насилство ги претставува сите овие однесувања

 

Што е насилно однесување?
 

Насилното однесување е несакано, агресивно однесување кое сè почесто се манифестира и кај децата на училишна возраст.

Во основа, претставува физичка или вербална агресија која се повторува или има потенцијал да се повтори со текот на времето. И двете страни, децата кои се малтретирани и оние кои малтретираат други, може да имаат сериозни, трајни проблеми.

 

Се појавува во различни облици: 

 

  • Вербално  насилство – секој вид исмевање, повикување со погрдни имиња, навредување, заканување.
  • Психичко насилство – подразбира заканување со поглед, гримаси, несакани коментари, изнудување да се даваат пари, уценување. 
  • Физичко насилство – подразбира удирање, туркање или земање и уништување на личните предмети. 
  • Социјално насилство – лажење, ширење гласини, лоши шеги, исмејување во јавност.
  • Сајбер-насилство – преку користење на интернет технологија се праќаат заканувачки пораки, слики или коментари.

 

Кој сè може да биде жртва?
 

Секој може да се најде во ситуација на насилство! Сепак, за некои деца има поголема веројатност да се најдат во таква ситуација. Најчесто на училиште, тоа се деца кои по нешто се разликуваат од другите. На пример, може да се деца кои се многу високи или ниски, носат очила, слаби или крупни, од друга националност, се облекуваат скромно или невообичаено, имаат лоши оценки или се супер одлични ученици, се однесуваат на начин кој го привлекува вниманието, сиромашни или болни.

 

Колку често се појавува?
 

Некои статистички податоци за малтретирањето сугерираат дека 28% од учениците од 6 до 12 години имаат историја да бидат жртви на насилство, додека 30% од средношколците признаваат дека ги малтретирале другите ученици. Околу 10-14% од децата биле жртви на малтретирање повеќе од шест месеци. Повеќето жртви на сајбер-насилство, исто така, се жртви на насилство во училиштата.

Студиите покажуваат дека наставниците честопати потценуваат колку малтретирање се случува во нивното училиште, бидејќи тие гледаат само околу 4% од инцидентите на малтретирање што се случуваат. 

Во светот, речиси 130 милиони или нешто повеќе од една третина ученици на возраст од 13 до 15 години биле жртви на врсничко насилство.

 

Има ли разлика помеѓу девојчињата и момчињата?
 

Податоците покажуваат дека нема значајни разлики во бројот на девојчиња и момчиња кои доживуваат насилство, но дека е поголем бројот на момчињата. Во вербалното, економското и емоционалното насилство нема полови разлики. Кога станува збор за физичкото насилство, момчињата се тие кај кои е поголем процентот на појава, додека девојчињата се побројни кај вербалното насилство. 

 

Кои се причините за насилство?
 

Кои се причините и зошто е прашањето што сите жртви на врсничко насилство сакаат да им го постават на насилниците. Поради што ги одбрале токму нив? Дали ги изнервирале со нешто? Дали ги навредиле? Каде згрешиле? Најчесто, нема одговор на овие прашања, бидејќи и самите насилници не знаат зошто малтретираат одредени соученици. Она што најчесто се појавува како причина може да биде:
 

• Љубомора 

• Потреба од внимание

• Лутина

• Желба за контрола или моќ над другите

 

Кои се знаци на претрпено насилство?

 

  • Депресија, осаменост или анксиозност
  • Ниска самодоверба
  • Главоболки, стомачни болки, замор или губење апетит
  • Намален успех на училиште
  • Бегство од дома или нанесување штета на себе
  • Необјаснети повреди
  • Изгубена или уништена облека, книги, електроника или накит
  • Тешкотии со спиење или чести кошмари
  • Ненадејна загуба на пријатели или избегнување на социјални ситуации

 

Како насилството влијае врз здравјето и благосостојбата на детето?

 

Насилството може да влијае на физичкото и емоционалното здравје, како краткорочно, така и подоцна во животот. Тоа може да доведе до физичка повреда, социјални проблеми, емоционални проблеми. Оние што биле изложени на врсничко насилство имаат зголемен ризик за проблеми со менталното здравје, главоболки и проблеми при прилагодување на училиште. Исто така, може да предизвика долготрајна штета на самодовербата.  Децата стануваат срамежливи и плашливи, не одат на училиште, учат помалку, тажни се, не се расположени за дружење, а понекогаш и тие стануваат насилни. Ако оваа ситуација трае подолго, и ако на детето не му се помогне, ова може вечно да се одбележи на личноста на детето кое претрпело насилство. Може да станат срамежливи и несреќни кога ќе бидат возрасни или може само да почнат да се однесуваат насилно.

 

Како да препознаете дека можеби токму вашето дете е жртва на врсничко насилство?
 

Познато е дека децата тешко разговараат за оваа тема. Сепак, постојат различни знаци за предупредување кои може да ви помогнат да ги препознаете или да се посомневате дека вашето дете можеби е малтретирано, а, главно, се однесуваат на стравот поврзан со училиштето. Доколку насилството се случува на патот од дома до училиште, детето ќе го избегнува патот, ќе ја менува вообичаената рута, ќе побара родителите да го носат во училиште и сл. Понекогаш доаѓаат дома со оштетена облека или книги, имаат необјасниви модринки или исеченици. Многу често тие деца даваат знаци дека се чувствуваат осамено, депресивни се, тажни, исплашени, несигурни и со ниска самодоверба. Доколку се работи за сајбер-насилство, се воочува намалено користење на компјутерот или на мобилниот телефон. На децата, главно, не им е лесно да се доверат на возрасните за тоа што го доживеале. Тоа што родителите можат да го направат е да разговараат со детето за тоа како да постапи ако се најде во ситуација кога ќе биде изложено на насилство, да му се даде до знаење дека во тие ситуации може да смета на помош и на поддршка од своите родители. 
 

 

 

 

Важно е да се земе предвид дека и децата кои вршат насилство се ризична група на која ѝ треба помош. 

 
 

Често се случува и децата кои претрпеле насилство, по некое време да почнат и тие да вршат насилство.

 





Превентивни мерки


Здраво и безбедно опкружување

 

Искоренувањето на врсничкото насилство од училиштата е долг процес кој бара голема посветеност од страна на наставниците, психолозите и родителите. Многу е важно да се подигне свеста за сериозноста и честотата на оваа појава. Неоспорен е фактот дека насилството е присутно во училиштата, само треба да бидеме објективни и да го признаеме овој факт. Понатамошен чекор би било наставниците да научат како да ги препознаваат формите на насилство, особено кога се работи за емоционално и физичко малтретирање. Понекогаш, знаците не се толку очигледни, но секој наставник може да забележи дали некој од учениците се повлекува во себе, не сака да се дружи и не се чувствува безбедно во училишната средина. Доколку се потврди дека постои врсничко насилство во училницата, не треба веднаш да се прибегне кон казнување на насилниците. Многу поважно е да се разговара со двете за да се откријат вистинските причини кои довеле до насилно однесување, односно, до малтретирање.
 

Здружување на родителите во борба против врсничкото насилство
 

За да се спречи агресивното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата. Ова треба да оди во насока на заемно информирање за сите нетипични однесувања кои ќе се детектираат кај детето, без разлика дали станува збор за врсничко насилство или за некој друг проблем. Градењето на здрави личности започнува од дома, а продолжува на училиште. Затоа, функционалноста на овие два фактора е и поединечно и во спрега, и е од големо значење за превенција и анулирање на појави на врсничкото насилство. 
 

Работилници и програми за градење емоционална стабилност на учениците
 

Работилници на тема инклузија, толеранција и почитување треба да бидат организирани од страна на образовниот систем и училиштата бидејќи тие придонесуваат за создавање пријатна клима во која насилничкото однесување остро се осудува, а, од друга страна, кај учениците се гради разбирање за потребата да се почитува секој поединец и неговите разлики. На тој начин, материјалот кој се однесува на превенција од врсничко насилство би бил вграден во планот и програмата во школските активности.

 

 

 

 

 

По доаѓањето на  децата на свет, најголемиот број родители едноставно забораваат на својот или на брачниот живот. Децата стануваат центарот на светот. За нив се прави и невозможното, а на речиси сите дружби, темите на разговор се само за децата. Многу често и меѓу партнерската комуникација е сведена на истото тоа. Каде да се прошетаат, која е следната активност или секција, што да им се купи, како да ги направиме подобри од нивните другарчиња... Така, трката почнува од мали нозе... 

 


Каде се родителите во оваа приказна? 
 

 

Изгубени во постојаната бркотница по време и по пари, сосема забораваат на себе и на својот сопружник. Некои забораваат и какви личности биле и што правеле пред да го зголемат неколкукратно своето семејство. И точно, да се создадат деца и да се израснат во благородни личности е најголемиот благослов и подарок што може некој да си го подари себеси или на светот, но не и причина да се изгуби или да се заборави сопствениот идентитет. 

 

За среќни и здрави деца, потребни се среќни и здрави родители

Затоа што, за да се создадат среќни деца, потребни се среќни родители. Ако ги послушате експертите или родителите кои практикуваат да се грижат и за себе, а не само за своите деца, ќе видите дека за да имате среќно семејство, потребно е да се негувате себеси и бракот истовремено. Типичен пример за ова се Данците, Холанѓаните и останатите скандинавски народи, кои важат за оние кои живеат по овој принцип. Данска е неколкупати по ред прогласена за најсреќно место за живеење, а Данците за најсреќен народ во светот, а децата во Холандија се најсреќните деца во светот според „Уницеф“. 
 

Тогаш, во што е тајната и кои се  нивните правила и навики?
 

Данците, на пример, не го претпочитаат тепањето како дисциплинска мерка. Напротив, користат емпатија за да се поврзат со децата, означувајќи јасни граници, но избегнувајќи ултиматуми или барајќи послушност. Родителите работат на развивање на заемната почит со децата, објаснувајќи им ги причините зад поставените правила и смирено одговарајќи на проблематичното однесување кај децата. Ако, како родител, чувствувате дека ја губите контролата над ситуацијата, тогаш е подобро да си дадете пауза. Ако родителот е смирен, и децата ќе бидат смирени. Ако детето поминува низ изливи на бес, тогаш вие мора да го водите и да го извлечете од тоа, без самите да одговорите со бес и со лутина. Затоа, оставете го детето да ги искаже емоциите и порачајте му да дојде кај вас кога ќе биде подготвено за разговор. Доколку вниманието не е насочено кон него, најверојатно и плачот побрзо ќе престане и побрзо ќе може да се поразговара зошто сето ова се случило и како да не се повтори. И точно, секое дете е различно, има полесни и потешки деца за справување, и не постои едно универзално решение на проблемите, но никој никогаш не рекол дека да се биде родител е лесна и едноставна работа. Меѓутоа, доколку постојано работите на развојот на сопствената личност (човекот учи додека е жив, нели), полесно ќе ви биде и справувањето со фазите на развој на сопствените деца. Семејството се создава и се гради во текот на целиот живот, како што се развива и идентитетот на вашите деца.

 

Родителската улога има почеток, но нема крај, и не е воспитување само во периодот кога децата се вознемирени или кога го тестираат нашето трпение. Како им приоѓаме во периодот кога се мирни, исто така директно влијае на нивната благосостојба, но и на тоа како тие ќе реагираат на средината околу нив и колку ќе имаат разбирање и сочувство за другите луѓе. 

 

Времето поминато заедно е особено важно
 

За Данците, многу е важно времето поминато заедно. И тоа не е тренд, туку е секојдневен начин на живот. Точно се знае и се почитува работното време на родителите, така што секојдневно останува доволно време за дружење. Притоа, децата не се запишани на безброј активности надвор од училиштето. Без разлика дали се тоа семејни оброци, прошетки во природа, семејна игра за забава или некој направи сам проект, децата кои имаат редовни дружења со своите родители имаат поголема самодоверба и се посреќни. 

 

 

Поддржете ја нивната самостојност и независност
 

Покрај честото дружење, на децата им овозможуваат да станат независни, така што сметаат дека слободната игра сами надвор или дома е клучот за среќно детство. Дури и да бидат авантуристи. Децата најмногу учат едни од други. Дополнително што дружењето со деца на различна возраст им помага во градењето на самодовербата и им дава чувство на контрола над ситуацијата. Помалите учат од поголемите, а поголемите учат како да се грижат за помалите. Кога детето се дружи со помали деца, учи да биде лидер, но кога се дружи со поголеми – учи да следи, а тоа се подеднакво битни процеси во развојот на децата. И доколку дојде до конфликт во детската игра, и почувствувате дека треба да се вмешате, почекајте малку. Не секоја ситуација бара ангажман на родител. Децата сами треба да го најдат решението, а притоа ќе ги градат своите способности за преговарање. 

 

Бидете искрени со децата
 

На пример, кога вашето дете ќе ви го донесе сопственото „ремек-дело“ од цртеж, наместо само да го фалите колку добар уметник е, подобро е да развиете дискусија со него што е точно нацртано, зошто е тоа нацртано, зошто се одбрани тие бои... Истражувањата покажуваат дека децата на кои постојано им било кажувано дека се паметни, полесно и побрзо се откажуваат кога ќе се соочат со тешки ситуации како возрасни. Фалете ги, но со мера, и фалете го процесот и вложениот труд, а не нивната способност. 

 

Одвојте време за себе

Родителите треба да одвојат време за себе, и поединечно и како пар. Ако обврските не дозволуваат еднаш неделно, тогаш барем еднаш или двапати месечно разгалете се со заедничка вечера надвор од домот. А, бидејќи тоа некогаш може да биде технички неизводливо (нема кој да ги чува децата), или ве оптоварува финансиски, тогаш можете да организирате романтична вечера дома. Заспијте ги децата, згответе го омиленото јадење, исклучете го телевизорот, запалете неколку свеќи, пронајдете ја темата за разговор и вашето време за релаксација може да започне.

 

Многу брачни парови сметаат дека бракот им е јак затоа што многу ретко или воопшто немаат конфликтни ситуации. Но, вистинскиот убиец на бракот е, всушност, отуѓувањето меѓу сопружниците за сметка на мирот во домот.

Се посветувате на работата или на родителството за да избегнете справување со ситуации што можат да доведат до конфликт. Децата најмногу го чувствуваат губењето на блискоста меѓу родителите. Децата од вакви бракови полесно може да се најдат во проблематични ситуации, да имаат академски проблеми или проблеми со однесувањето, за разлика од децата кои израснале со среќни родители. Замислете ја вашата врска како емоционална средина во која вашите деца живеат. Како што посакувате да дишат чист воздух и да пијат чиста вода, така треба да израснат и во средина полна со љубов.

 
 
 
 

Растот и развојот се едни од најважните обележја кај децата од нивното раѓање. Растот не е само едноставен квантитативен процес на зголемување на димензиите на телото, туку е еден сложен процес кој ги опфаќа и квалитативните промени на структурата , функцијата и реактивноста на поедини ткива и органи, како и психичките промени на детето при неговото прилагодување на околината.

 

Нормални димензии и карактеристики кај новороденче

 

Терминското новороденче, во најголем број од случаите, е со телесна тежина од 2,3 до 4,1 кг, должина од 46 см до 54 см и со обем на глава од 33 см до 64 см. 

Во текот на првите денови од животот, новороденчето губи до 10% од својата тежина, за по 15 дена да ја постигне својата родилна тежина и почнува да добива 500 до 700 г до крајот на првиот месец.

По раѓањето, новороденото бебе може да ја врти својата глава, може да го фокусира погледот најчесто на лицето на својата мајка, реагира на силни звуци, јака светлина и има силни рефлексни движења (примитивни рефлекси).

 

Во доенечкиот период, просечното зголемување на телесната тежина во првите три месеци од животот е 20 до 30 г дневно, во второто тримесечје 15 до 20 г дневно, со што некаде на 6 месеци бебето ја дуплира својата почетна телесна тежина, а на една година нормално е за трипати потешко.

Должината и обемот на главата се, исто така, важни показатели за правилниот раст и развој на доенчето. Така, до крајот на првата година, доенчето добива 25 см на својата должина, а обемот на главата расте по 2 см во првите три месеци, а на крајот на првата година до 12 см.

 

Ние, педијатрите, располагаме со т.н. графикони на раст преку кој со секое внесување на мерките се следи напредувањето на доенчето споредено со нормалните – референтни мерки за дадената возраст и пол. На овој начин, се следат евентуалните отстапвања и се бараат причините за заостанувањето во растот или други отстапувања.
 



Останати фактори и показатели за нормален раст и развој

 

Покрај физичките, постојат и други фактори кои укажуваат на напредувањето на бебето. Тоа се крупни и фини моторички вештини, како и социјална адаптација. Така, веќе со наполнети месец и половина, бебето се насмевнува на познат лик и глас, на 3 месеци ја држи главата, ги става рацете во уста, а на 4 месеци се обидува да држи предмети и играчки. Веќе на 6 месеци се одбива од подлогата, префрла играчки од едната во друга рака и гуга. На 7 месеци се превртува на стомак и почнува да седи, на 8 месеци почнува да разбира некои наредби, а со наполнети 9 месеци може стабилно да седи, има фина моторика на палецот и показалецот и кажува најмалку еден збор со значење. На едногодишна возраст, веќе може да стои и да оди со придржување, да изговара најмалку 3 збора со значење и може самостојно да врти страници од книги и сликовници.
 

Првата година – важна за цел живот!

 

Првата година од животот на бебето е од извонредно значење кога е во прашање неговиот правилен раст и развој. Детето расте со изразено брзо темпо, па неопходно е родителите внимателно да го следат физичкиот и психичкиот развој на своето дете. Во настојување да ја запознае својата околина, бебето собира искуства и информации, па почнува да ги создава првите навики од животот, да се чувствува гладно, да сака да си игра, знае кога му е потребна нега и заштита од родителите, а со самото тоа влијае на сопствениот телесен и ментален развој понатаму во животот. 


 
 

 
 
 
 
 
 
 

Поаѓањето на училиште е еден од најзначајните настани во животот на детето. Тоа е период во кој детето полека влегува во светот на обврските и во светот на возрасните. Да го подготвите детето на овој чекор, значи да го оспособите тоа поефикасно да ги извршува задачите поставени пред него од училиштето и од семејството. Ова е процес кој е подеднакво важен, како за децата, така и за родителите. 

 

Позитивен став

Многу е важно на детето да му се презентира и да му се развива позитивен став и позитивни емоции кон институцијата училиште. Емоционалната подготовка е од големо значење во насока на развивање на љубов кон училиштето и отстранување на сите потенцијални стравови и дилеми.

Сосема погрешно е училиштето да се презентира како установа во која детето ќе се доведе во ред. Ова е многу честа грешка која се практикува од самите родители. Затоа, разговорите за важноста и за убавите работи кои ги очекуваат вашите дечиња во училиште, за прошетките во училишниот двор и за читањето приказни за училишни настани, може да помогнат во добрата подготовка и во развивањето на позитивен став. 

 

Децата кои бргу се адаптираат и се успешни на училиште, генерално, потекнуваат од семејства  кои дале неизмерна поддршка и кои имаат позитивен пристап кон училиштето и кон учењето.

 

 

Исто така, учењето на децата на правилен однос кон работата и обврските ќе придонесе детето уште од мала возраст да стане свесно за значењето на работата, и правилно да разграничува за тоа што е игра, а што е обврска и работа. Затоа, доделувањето домашни обврски, односно работа која од детето се бара да ја заврши без помош и надзор, помага во самодисциплината, самостојноста и во планирањето на времето. Оваа активност за детето понекогаш ќе биде вистински предизвик и ќе бара поддршка и целосна посветеност од ваша страна. Но, вашиот интерес и вашата загриженост се вистинскиот пример од кој детето може да научи многу и да стекне навики кои му користат во иднина.

 

Образовна подготовка 

 

Токму ваквата подготовка се однесува на формирањето на работните навики за учење и стекнувањето одредени предзнаења. Сепак, не секогаш е најважно детето да знае да чита или да пишува пред да тргне на училиште. Ова се работи кои, секако, ќе ги научи во училиштето, бидејќи неретко се случува тие претходно да ги има усвоено и протолкувано на погрешен начин.

Посветете повеќе внимание на воочување на промените во природата и во околината. Наведете го детето самостојно да прави компарации, да се ориентира во просторот и времето и да поврзува одредени активности со временски периоди. Воведувањето на едноставната дневна рутина е од голема помош. Читајте им на вашите деца и кога се многу мали. Редовното читање ќе се трансформира во редовна навика за завршување на домашните задачи, кога децата ќе појдат на училиште.
 

Одредете место и време за учење и за домашна работа. Тоа не мора да биде нешто посебно, важно е да нема во тој простор електронски урди кои ќе го деконцентрираат. Секако, најважно е децата да ја добијат пораката дека домашната задача е приоритет. Инсистирајте домашната работа да биде уредна.

Децата треба да научат дека е важно да се претстават себеси и својата работа во најдобар ред, бидејќи тоа е показател за самопочитување и за почитување на другите. Навика која ќе им биде корисна, исто така, понатаму во иднина. 
Проверете ја домашната задача на своето дете, потврдете дали ги сфатило постапката и процесот. Учествувајте ако детето ви постави конкретно прашање и ако од вас побара дополнително објаснување.  Секако, не претерувајте со наметнување на строги критериуми и правила за учење. Секогаш нека има простор за игра и активности кои му се омилени. Спортувањето нека остане како приоритет кој ќе се вклопи во останатите обврски.


Социјална подготовка

 

Социјалната подготвеност на вашето дете се однесува на можноста на стекнување специфични облици на однесување потребни за воспоставување и одржување комуникација со останатите деца и со околината. Ова вклучува и комуникација и со непознати лица, но не со страв, туку со внимателност. Да креира нови другарства и пријателства, да научи да ги дели работите и да има чувство за одговорност кон другите. Социјалната зрелост подразбира и постоење на културни навики во говорот, однесувањето и почитувањето на другите.


 

Слушајте го вашето дете

 

Секако, слушајте го вашето дете и секогаш обезбедете доволно време за неговите прашања и барања. Колку тие да се повторувачки или можеби неважни, важноста дајте им ја вие. На овој начин, детето ќе се чувствува побезбедно и ќе може да смета на вашата помош.

Проблемите на кои може да наиде во текот на училишните денови, нека бидат заеднички. Мотивирајте го да разговара за нив и да ги споделува со вас. На овој начин, чувството на сигурност ќе биде само потврдено, а и вие ќе бидете сигурни дека сè е во ред. 

 

Доколку, пак, забележите дека вашето дете се однесува невообичаено, да е исплашено, повлечено или агресивно, обидете се да разговарате и да ја разберете причината за ваквото однесување. Во одредени ситуации, барањето на дополнителна стручна помош и совет може да биде од големо значење во процесот на подготовка и адаптација на детето на новите животни промени и обврски кои со себе полека, но сигурно ги носи светот на возрасните.

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Пубертет е период од животот кога децата доживуваат големи физички и емоционални промени, со што од деца полека преминуваат во возрасни личности. Растењето започнува во првата половина на пубертетот, и завршува кога завршува и пубертетот. Покрај физичкиот раст и физичките промени на телото, пубертетот претставува „бурна доба“ кога се во прашање емоционалните и психичките промени и доживувања кај адолесцентите.

 

Кога започнува пубертетот?
 

Сите деца на светот поминуваат низ пубертет. Кај девојчињата, пубертетот, вообичаено, се случува помеѓу 10. и 14. година, додека кај момчињата малку подоцна, помеѓу 12. и 16. година. Во текот на годините, годишната граница за влегување во пубертет постојано се намалува. Просечна возраст за појава на прв менструален циклус во 1900 год. била 15 години. До 1990-тите веќе се намалила на 12,5 години, и продолжува да се намалува под 10 години. Видот на исхрана, храната богата со пестициди и загаденоста на околината (воздух и почва) се главните причини за овој тренд. На годината на појава на првите знаци влијаат и генетските фактори и семејната историја за пубертетот на родителите. Постојат случаи на прерана или на задоцнета појава на пубертет. Доколку првите знаци се појават пред 6. година (девојчиња црна раса), или 7. година (девојчиња бела раса), или пред 9. година кај момчињата се смета за преран пубертет. Доколку првите знаци се појават по 13,5 години (девојчиња) и по 14. година (момчиња), се смета за одложен пубертет. За секое двоумење, најдобро е да се консултира прво лекар, пред да се носат какви било заклучоци.

 

Првите промени
 

Пубертетот е фаза од биолошкиот развој во која децата стануваат сексуално зрели суштества подготвени за размножување.  Кај момчињата, првите промени што ги предизвикуваат хормоните се во тестисите – евидентно е нивното зголемување и создавање на тестостерон и сперма. Кај девојчињата, првите промени се насочени кон зголемување на градите. Потоа, се појавуваат првите влакна под пазувите, и на и околу гениталиите. Последната физичка промена кај момчињата се влакната на лицето, т.е. брада и мустаќи. За време на тие 2-3 години, додека трае фазата пубертет, се вели дека телото расте нагло или одеднаш. Некои деца се случува да пораснат и по 10 см годишно. Меѓутоа, телото не се менува одеднаш цело, туку дел по дел. Како резултат на создавањето на тестостеронот, кај момчињата се случуваат неколку промени во обликот на телото. Рамениците стануваат пошироки, телото повеќе мускулесто, гениталиите се зголемуваат, накратко и градите се зголемуваат, но најчесто и се повлекуваат назад на крајот на пубертетот. Момчињата стануваат мажи и кога гласот ќе им мутира и ќе им стане подлабок. 

 

Телото на девојчињата се пополнува и се заоблува. Колковите се шират, градите растат, за почеток со мал оток под брадавиците, и нерамномерно, едната града побрзо од другата, но на крај најчесто се изедначуваат. Најчесто, по 2 години откако ќе почнат да растат градите кај девојчињата, се случува уште една значајна промена – првиот менструален циклус. Циклусот вообичаено трае од 2 до 7 дена и може да биде проследен со болки со помал или со поголем интензитет. За полесно надминување на првиот циклус, од голема важност се соодветните подготовки и разговори со родителите (најчесто со мајката).

 

Не сите промени се пријатни

 

Најголемиот дел од децата поминуваат низ уште една промена – појава на акни. Кај некои, кожата сама се чисти за неколку месеци, а кај некои акните се проблем кој трае со години. Најчесто, доволно е лицето да се мие 2 пати дневно со млака вода и благ сапун или тоник, но, доколку е потребно, може да се консултира козметичар или кожен лекар. Во никој случај не е препорачливо децата сами да ги третираат и да користат препарати на своја рака.

Уште една не многу пријатна промена е новиот мирис на телото, конкретно под пазувите. Под  дејство на хормоните, започнуваат со работа жлездите во кожата, вклучувајќи ги потните жлезди во пазувите. Кога потта и бактериите на површината на кожата ќе се измешаат, се создава непријатен мирис. За да се намали појавата на телесниот мирис, најдобро е децата да се тушираат секој ден, и задолжително веднаш по спортска активност, со користење на благи и природни средства за хигиена.  

Сите промени во текот на пубертетот се нормални, иако се повеќе или помалку непријатни. Кај девојчињата, дополнително може да се појави бел вагинален исцедок, а кај момчињата се појавуваат ерекции. Во почетокот, ерекциите се појавуваат многу често, дури и без причина. Но, како изминуваат годините на пубертетот, така и честите ерекции се намалуваат. 

 

Луди години
 

Физичките промени можеби полесно се поднесуваат. Но, емоционалните се оние поради кои овој период го викаат „луди години“. Тинејџерите се збунети, чувствителни, лесно се вознемируваат, темпераментни се, реагираат бурно и  различно од претходно, што е збунувачки за околината и особено за родителите. Многу е важно во овие години родителите да се присутни што е можно повеќе во животот на своите деца, и покрај сите одбивања, што најверојатно ќе ги добијат, бидејќи фазата е таа, родителите не се повеќе ни авторитет, ни доволно забавни за друштво. Меѓутоа, со интензивна комуникација и некогаш и со стручна помош, доколку е неопходно, треба да им се објасни на децата за процесот во кој минуваат и за важноста од нивната адаптација кон новонастанатите промени. 

 

Кон крајот на пубертетот, се интензивираат и сексуалните чувства и потреби. Децата имаат многу неодговорени прашања, измешани чувства, и затоа е важно да зборуваат за тоа со родителите или со друг возрасен со кој се чувствуваат доволно слободни да разговараат на оваа тема. Важно е да ги добијат вистинските одговори. 

 

Меѓутоа, не се сите емоции лоши. Ова е време кога тинејџерите осознаваат за своите интереси и цели, и учат како да комуницираат со средината на зрел начин.

 

Пубертетот не започнува кај сите деца од класот или кај другарчињата од едно друштво истовремено. Кај некои порано, кај некои подоцна, но, на крајот, сите стигнуваат на истата цел. 
 

  

 

 

 
 
 
 
 

Комуникација со децата и одговарање на нивните прашања на теми како сексуалност, секс, запознавање со телото и врските со другите луѓе, придонесува  кон нивното сексуално осознавање, образование и секако правилен развој на нивата сексуалност.
 

Никогаш не е прерано да се започне со овие разговори, затоа што децата од најмала возраст треба да знаат дека запознавањето на сопственото тело и сексуалноста се нормален дел од животот. И колку подобра основа поставите, толку полесни ќе ви бидат вам како родител сите подоцнежни и посериозни разговори на овие теми.

 

Отворени за сите прашања
 

Најважната работа што треба детето да ја научи е дека вам може да ви се обрати за било каква информација, без да почувствува срам или страв затоа што темата е малку скокотлива. Важно е да бидете подготвени да одговорите на нивните прашања, па дури и “не знам” е подобро од одбегнување на темата. И сигурно нема да биде само еден разговор, во кој сте успеале или можеби не, да дадете правилни одговори. Како детето расте и се развива, така ќе се развиваат и вашите разговори за сексуалноста.

Важно е да запамтите дека секусалноста не е поврзана само со секс. Сексуалноста е поврзана со чувствата на детето за сопственото тело што се менува постојано, за тоа како детето ги разбира и изразува чувствата на интимност, приврзаност и љубов за и кон другите, врз основа на што развива и одржува нормални односи со луѓето.

 

Кога да се започне?

Зависно од возраста на детето, еве неколку совети за што, кога и како да разговарате за да бидете што повеќе разбрани.
 

0-2 години
 

Заборавете на бебешкиот говор. Со употреба на вистинските зборови од најмала возраст во секојдневните ситуации (на пр. за време на капење или при облекување) постепено запознавајте го детето со сите делови на телото, вклучително и гениталиите.

 

2-3 години
 

После 2-рата година поголемиот број деца стануваат љубопитни за своето тело и за телото на другите деца. Забележуваат дека телата на момчињата и девојчињата се разликуваат, и почнуваат со прашањата Зошто? и Што е тоа?. Можеби ќе ви биде полесно доколку се послужите со книга со слики преку кои ќе им ги покажете разликите во телото, како се викаат различните делови и која им е основната функција.

 

4-5 години
 

На оваа возраст почнуваат со прашањата за бебињата. Ако детето праша од каде дојдов јас? Можете да прашате какво е твоето мислење за ова? За да разберете што всушност сака да праша и колку разбира. Секогаш е добро да давате што поедноставни одговори со вистинските зборови.

 

6-8 години

Откако одговоривте од каде доаѓаат бебињата, следното можеби најчесто прашање на оваа возраст е како бебињата се најдоа таму? Колку и да ви звучи чудно или претерано, најдобро е ако им ја кажете вистината веднаш. Секој ваш одговор што нема да биде директен и едноставен, само ќе ја влоши ситуацијата, ќе ги остави збунети со повеќе прашања што чекаат на ред. 

 

Воведување во пубертет
 

Пожелно е, без да ги чекате првите прашања од детето, да го запознаете со следниот период на промени – пубертетот. Детето треба спремно да ги дочека промените: како првиот менструален циклус, појавата на срамните влакна, зголемување на градите, продлабочување на гласот итн. И да му се објасни дека порано или подоцна сите деца поминуваат низ овие промени, и дека ако е меѓу првите во неговото одделение, не треба да се срами, но да биде спремно да ги дочека закачките од другарите.

 

Децата денес се постојано изложени на влијание од медиумите, и позитивно и негативно. Не сите пораки за сексот се негативни. Родителите наместо само да го забранат или ограничат пристапот до овие пораки, треба да ги искористат како можност и да ги запознаат децата со вистинските, семејните вредности на врските и обврските што ги носи со себе самата сексуалност.

 

Што е нормално, а што не?
 

Деца од една до три години – нормално сексуално однесување

Можеби ќе биде малку збунувачки кога ќе го видите за прв пат, но следново е сепак нормално за оваа возраст:

  • - да ги допира или трие гениталиите
  • - да ги покажува гениталиите на некој друг
  • - да ги гледа или допира гениталиите на другарчињата за време на игра, заедничко капење или во тоалет
  • - да ги кажува на глас и повторува имињата на гениталиите
  • - обожава да биде голо
  • - покажува интерес за делови од телото и како функционираат.

Особено е важно како ќе реагирате првиот пат кога ќе го видите своето дете како се допира или трие. На смирен начин треба да му објасните што прави, каде и кога тоа може да го прави. Дека одредени делови од телото како гениталиите се приватни делови и не треба да ги покажува било каде. Не можете и не треба да го одвикнувате од допирањето или триењето на гениталиите, но треба да му објасните дека доколку тоа го прави често, на крај може да заврши со болка и црвенило.

 

Деца на предучилишна возраст – нормално сексуално однесување
 

- допирањето може да премине во мастурбирање, иако за детето постои само чувството на задоволство поради кое го прави истото, без да знае што тоа значи

- се држи за рака со другарчињата, споделува по некој бакнеж

- игра „Покажи ми го твоето и јас ќе ти го покажам моето“ со што ги споредува гениталиите со другарчињата

- игра мајка и татко, или доктори и сестри

Сето ова го прави затоа што се чувствува добро, затоа што репродуцира тоа што слуша и гледа, и така ја запознава средината, а со тоа ги тестира и границите на своите родители и околината.

И повторно, вашата реакција треба да биде смирена со многу разбирање и објаснување, и одвлекување на вниманието на детето со друга игра.

 

Деца на училишна возраст – нормално сексуално однесување 


 

Допирањето и мастурбирањето останува, но се појавува срам кај детето (особено ако го фатат на дело), се повлекува повеќе во својата соба, не сака никој да го види голо, а споредбата со другарчињата се сведува на големина или облик на органите, не само на присуство. Некои родители се среќни со ваквото однесување на детето, но некои не се, иако сето ова во умерена количина е нормална појава и не треба да се негира.

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.