Сподели со пријателите

Добриот сон – половина здравје

Речиси е привилегија да се има квалитетен и редовен сон во денешно време. Квалитетниот сон е есенцијален за добро здравје и нормален раст и развој на децата. Познато е дека краток и неквалитетен сон може да биде фактор за психофизички проблеми кај децата во подоцнежните години од животот. Така, недодтатокот на сон во раната фаза од детството може да резултира со недостаток на концентрација, намелен когнитивен и интелектуален капацитет во време на адолесценцијата. Недоволно сон може да предизвика и пад на имунитетот, развој на кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, прекумерна телесна тежина...

 

Сонот е подеднакво важен колку и здравата исхрана и физичката активност. Со добар сон на телото му се овозможува да се ослободи од сиот вишок на штетни материи акумулирани во текот на денот. Мускулите, меѓу кои е и срцето, се обновуваат за време на спиењето.
 
Колку сон е доволно за децата?

Должината на сонот во голема мера зависи од возраста на детето:
- новороденчиња не постари од 2 месеци – 10 до 18 часа сон вкупно (со неколку паузи од 1-3 часа кога се будни)
-  бебиња од 3–12 месеци од 9 до 14 часа (со 2 дремки од по 2 часа во текот на денот)
-  деца од 1–3 години од 12 до 14 часа (со 1 дремка во текот на денот)
-  деца од 3–5 години од 11 до13 часа
-  деца од 5–12 години од 10 до 11 часа
-  тинејџери  8 до 10 часа
 
Сепак, треба да се има на ум дека овие вредности се менливи и може да бидат различни за секое дете, бидејќи на истите влијаат и други фактори, како што се:температурата, самата околина, наследните фактори и др.
 

Постигнувањето на правилен распоред на спиење и будење е еден од главните цели за детето и за неговиот правилен емоционален развој. Промените во животот на детето, промените на неговите навики и тензичните семејни односи можат негативно да делуваат врз распоредот на спиење.
 
Навиките ги креираме ние

Во брзото и хаотично време во кое живееме, децата најчесто се препуштени сами на себе. Родителите работат сèповеќе и сèподолго, па времето потребно за здрави семејни односи и креирање на здрави навики е сèпократко. Во контекст на ова, сèпочесто ги изоставуваме ритуалите важни за процесот на спиење.
Почнувајќи од новороденчињата, сите деца треба да имаат ритуал за заспивање што трае не повеќе од 30–40 минути со вклучено капење. И исто време на заспивање секоја вечер. За децата до 10 годишна возраст тоа значи дека најдоцна до 21 часот веќе треба да се во кревет.

И тинејџерите не треба да се исклучок од правилата за одење во кревет. Кај нив, покрај природната желба да се биде буден во текот на доцните часови, неконтролираната употреба на електронски уреди дополнително ја комплицира состојбата. Воведување на некаков ред и држење на ситуацијата под контрола е важно и за оваа возрасна група.
 
Собата за спиење треба да биде затемнета, проветрена и со нормална температура, без електронски уреди на кои местото не им е во оваа соба. Употребата на телефон, таблет или компјутер непосредно пред спиење може да го намали за 22% нивото на мелатонин во организмот, супстанца што природно се создава во организмот навечер и му сигнализира на телото дека е време за спиење.
Децата пожелно е да имаат омилена играчка за спиење и омилена приказна за заспивање.
Ако детете потешко заспива, тогаш погрижете се креветот да му симболизира само спиење, но не и место каде може да игра или пишува домашна задача.
Ноќниот амбиент во домот треба да е релаксирачки и смирен. Избегнувајте расправии и дискусии кои можат да предизвикаат анксиозност пред спиење.
 
Важноста на добриот сон
 
1.     Сонот го подобрува растењето

Хормонот на раст примарно се ослободува за време на длабок сон. Природата се погрижила бебињата да го добијат потребниот раст, така што околу 50% од времето го поминуваат во длабок сон. Квалитетниот сон е важен за нормален раст за сите деца генерално, само што кај најмалите, разликата во растот е воочлива од ден на ден.
 
2.     Сонот влијае врз телесната тежина

Сèпоголем број докази покажуваат дека премалку сон кај децата доведува до гојазност, почнувајќи уште од најмала возраст. Секој плач на бебето не е заради храна. Доколку родителите се едуцираат за разликите во плачот за храна и плачот за друга итна потреба на бебето и како да го утешат, а да не користат храна при тоа, тогаш е голема веројатноста дека бебињата ќе спијат подобро, и помала е веројатноста дека ќе бидат гојазни.
Врската меѓу недостатокот на сон и хормонот што ни сигнализира кога сме сити (лептин) е присутна уште од раѓање. Па така и децата кои не спијат доволно и се изморени, имаат тендеција постојано да бараат храна и тоа најчесто со висока содржина на масти или јаглехидрати, а од друга страна, повеќе седат или лежат (но не спијат), што не придонесува за согорување на калориите.
 
3.     Сонот помага во борбата против настинките

За време на спиењето, кај децата (и возрасните) се создаваат протеини (цитокини) со кои организмот се бори против инфекции, настинки и стрес. Помалку сон, значи и помалку од овие протеини „подготвени за борба“.
 
4.     Со повеќе сон до помалку повреди

Децата стануваат несмасни и повеќе импулсивни кога спијат помалку од потребното. Ова е особено изразено кај децата на училишна возраст кои спијат помалку од 9 часа секоја вечер.
 
5.     Сонот ги подобрува способноста за учење и концентрацијата

Кај децата до 3 годишна возраст кои континуирано спијат помалку од 10 часа секоја вечер, постои 3 пати поголема веројатност да се јават проблеми со хиперактивност, импулсивност и анксиозност до 6-тата година од животот.
Децата што се изморени и ненаспани првично се борат против заморот (природна реакција на организмот) или, поточно, се обидуваат да останат будни и заинтересирани за случувањата.Тоа резултира со поголемо лачење на хормони што ги прави хипер будни, но исцрпени. Наскоро следува фазата на нерасположени и нервозни. Со вакво расположение во никој случај не можат да бидат внимателни и да учат. Вака „наелектризирани“ не можат лесно ни да заспијат.
Поголемиот број деца после 5-тата година ја губат потребата за дремка во текот на денот. Сепак,  дремките во текот на денот за децата што одат на училиште се вистинска магија за нивната способност за брзо помнење и учење.
Сонот му е потребен на мозокот за да може да ги потврди работите што ги научил во текот на денот и да ги зачува долгорочно. Недостатокот на сон кај децата може да биде поврзан  со лоши резултати и ниски оценки во училиште.
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.