Сподели со пријателите

КОЖА НА НОВОРОДЕНЧИЊА - Се што треба да знаете

Веднаш по раѓањето кожата на новороденчињата  е тенка, мека, кадифеста и розева. Во зависност од зрелоста на новороденото кожата е помалку или повеќе прекриена со беличест сирест намаз наречен верникс. Кај недоносените бебиња кожата е  многу тенка и  е прекриена со поголеми количини на верникс,  за разлика од   преносените коишто  немат верникс,  но затоа пак  имаат сува и  перутава кожа која се лупи на дланките и табаните. 

 

Најчести физиолошки промени на кожата кај новороденчињата можат да бидат:

 

1.Хематоми и петехии по кожата кои се јавуваат заради притисокот на родилните патишта врз новороденчето

 

2.Макуларен хемангион (проширени крвни садови) кој се наоѓа најчесто во окципиталниот предел на главата, на очните капаци, коренот на носот и спонтано се губи до крајот на првата година.

 

3. Милии-ситни бели точки на носот, брадата, образите кои спонтано поминуваат во тек на првиот месец.

 

4.Монголска пега или темносина пребоеност на кожата во пределот на тртната коска и се јавува кај потемно обоена популација.

 

5.Присуство на лануго влакненца (ситни, меки влакненца) најчесто по грбот и челото кои обично спонтано паѓаат кон крајот на првиот месец.

 

6.Физиолошко црвенило на кожата на новороденото кое се јавува како реакција на дразбите од надворешната средина. Оваа промена се губи за 12 до 24 часа по раѓањето.

 

ЗОШТО СЕ ЈАВУВААТ ПРОМЕНИ НА КОЖАТА

Заради големата површина и директниот контакт со надворешната средина, можноста за појава на разни патолошки промени на кожата е многу голема.

Кожата природно сама се брани од разни нечистотии преку процесите на регенерација.

На регенеративните супстанции кои се лачат од клетките на кожата за да можат да делуваат потребна им е водена средина , па кожата синтетизира гама-линолеинска киселина која не дозволува испарување на водата од површинските слоеви на кожата и спречува продор на разни нечистотии од надвор.

Меѓутоа одредени хемикалии кои се составен дел од средствата за капење или од загадениот воздух „ја разложуваат'' кожата, посебно кога не е доволно негувана или ако постои генетски ензимски дефицит во синтеза на кожната бариера. 

 


ПРАВИЛНАТА ХИГИЕНА НА ПРВО МЕСТО

 Здравата кожа треба секојдневно да се капe со топла вода и беби сапун или шампон. Потоа  се нанесува  заштитен бебешки крем на сите делови на телото изложени на дејство на урината и столицата како и сите набори на кожата подложни на оштетување (околу вратот, под пазувите). Останатите делови од кожата се мачкаат ако таа е подложна кон сушење од различни влијанија, а на нормалната кожа не и се потребни креми за нега.

 

 

Кај нагласено чувствителна кожа кај некои од новородените може да се користат емолиентни креми кои делуваат смирувачки и не ја оштетувваат природната бариера.

 

При појава на пеленски дерматитис- црвенило и иритирана кожа во пределот на пелените треба да се подобри локалната хигиена, почесто менување на пелените, миење со топла вода, по потреба да се аплицира цинк оксидна крема.

 

Кај себороичниот дерматитис кој се манифестира со жолти, дебели скрами на главата потребно е секојдневно миење на главата со шампон, испирање со топла вода и чешлање со густ чешел по потреба премачкување со бебешки масла.

 

Рана појава на црвенило и ситен осип со јадеж кој обично почнува на образите или вратот може да е знак за појава на атописки дерматитис,  за што е неопходна консултација и соодветен третман  пропишан од матичен педијатар.

 







 

БИДЕТЕ ВНИМЕТАЛИ    

  • Примената на влажни марамчиња  да се сведе на минимум, посебно оние кои содржат алкохол и парфеми.
  • Да се избегнуваат бебешки пудри за нега на кожата.
  • Да не се затоплува прекумерно новороденчето.
  • Да не се изложува на директни сончеви зраци.






 

 

Д.р Олгица Николовска

Спец. педијатар 

ПЗУ Поликлиника РЕС ХУМАНА Скопје

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.