Сподели со пријателите

РОДИТЕЛСКИ СТИЛОВИ НА ВОСПИТУВАЊЕ - Kакви родители сме?

Родителите се првиот и најважниот пример на децата за нивен правилен физички и психички развој. Стилот на воспитување што го применуваат родителите влијае врз сите аспекти на детскиот живот, од нивната телесна тежина, па до нивната самодоверба. Затоа е важно да го изберете вистинскиот начин на кој ќе обезбедите и ќе поддржите здрав раст и развој, што ќе биде основа за патот по кој ќе продолжат како возрасни личности и ќе бидат продуктивни членови во општеството. 

Психологијата денес идентификува 4 стилови на воспитување на децата. Секој има свои, посебни карактеристики и резултира со различни реакции и ефекти кај децата. Од друга страна, пак, секој однос родител-дете е различен, поради што и реално не е можно во секоја ситуација и кај секоја индивидуа да се применува само еден стил секогаш.
 

Авторитарен (диктаторски) стил на воспитување

Моќта е главната карактеристика за овој стил на вршење на улогата на родител. 
Авторитарните родители веруваат дека децата треба да ги почитуваат нивните правила без исклучок и без изговор. 
Овој вид родители се познати по изјавата „Ќе биде како што јас ќе кажам!“ бидејќи единствено што ги интересира е послушност кај децата, и во никој случај преговарање. Постојано бараат, но никогаш не даваат.
Не им дозволуваат на децата да се вклучат во решавање на проблемот или во надминување на пречките. Наместо тоа, поставуваат правила и ги наметнуваат последиците, без разлика на мислењето на детето. 
Употребуваат казни наместо дисциплина, што би значело дека наместо да ги научат децата како да носат правилни одлуки, сметаат дека децата треба да зажалат за своите грешки.
Децата на овие родители следат правила и понатаму во текот на животот како возрасни личности. Но, кај нив е зголемен ризикот за појава на проблеми со самодовербата, затоа што во детството нивното мислење никогаш не било важно и вреднувано. 
Овие деца може да станат агресивни или непријателски расположени кон средината. Најчесто се фокусираат на гневот што го чувствуваат кон своите родители, наместо на својата иднина и на тоа како да ги направат работите подобро. Многу често стануваат и одлични лажговци со цел да избегнат казни.
 
Авторитативен (демократски) стил на воспитување

-      Дали денот на вашите деца е испланиран однапред, со точно време на заспивање и со други домашни правила?
-      Дали следуваат казни доколку не се почитуваат правилата?
-      Дали децата разбираат што очекувате од нив?
-      Дали децата се чувствуваат слободни да разговараат со вас за сè, без страв од осуда, негативен коментар или казна?
-      Многу се трудите да создадете и да одржите позитивна врска со децата полна со љубов и со разбирање.
-      На децата им ги објаснувате причините што се во заднина на вашите правила.
-      Наметнувате правила и последици, но ги земате предвид чувствата и мислењата на децата.

Овој стил на воспитување ги признава и ги вреднува мислењата на децата, но истовремено им става до знаење на децата дека возрасните се главни во ситуацијата.
Авторитативните родители учат од секоја ситуација и работат на превенирање на проблеми во однесувањето уште пред да се случат. Употребуваат стратегија на позитивна дисциплина (како пофалба и награда) за да поттикнат добро однесување.
Овој вид родители имаат високи очекувања од своите деца, но и трпение, разбирање и поддршка за децата. 
Децата на авторитативните родители најчесто се среќни и успешни и, како возрасни личности, се одговорни, способни да носат добри одлуки и да проценат ризици, и слободни во изразувањето на сопствените чувства и ставови.
 
Попустлив стил на воспитување

-      Поставувате правила, но најчесто ни вие (родителите) не се придржувате кон нив, ниту ги поттикнувате децата да ги почитуваат.
-      Не наметнувате последици или казни често.
-      Сметате дека децата најдобро ќе научат доколку родителите влијаат што помалку врз нив.
 
Попустливите родители се умерени, благи во реакциите, најчесто се вклучуваат само кога се работи за некој сериозен проблем. Овие родители секогаш даваат, никогаш не бараат од децата и се трудат да избегнат соочување или судир со децата. Полни се со љубов и со грижа за децата, но тоа не е доволно, а во овој случај и помалку вредно од негативните ефекти што ги постигнуваат со избегнувањето на казните и со немањето правила во домот. 
За овие родители „децата ќе бидат деца“ и затоа секогаш простуваат, а кога ќе се одлучат за казна, најчесто и не се истрајни во нејзиното спроведување.
Овој стил на воспитување, родителите ги прави повеќе другари со децата отколку родители. Како и најдобриот другар, тука се за да ги ислушаат децата и нивните проблеми, но не и за да ги охрабрат и за да ги одвлечат од лошото однесување или од лошите избори што можат да ги направат.
Децата на овие родители најчесто не напредуваат академски, не признаваат авторитет и правила, поради што често имаат проблеми во однесувањето кон останатите. Многу често се тажни и речиси без самодоверба.
Здравите навики на кои треба родителите да ги научат децата се од психичка и физичка природа. Покрај проблемите во однесувањето, овие деца како возрасни личности страдаат и од преголема телесна тежина, затоа што многу често брзата храна им била храна од избор, а родителите не ги ограничиле ниту ги едуцирале за влијанието на тој вид храна врз здравјето.
 
Незаинтересиран стил на воспитување

 -       Не ги прашуваат децата за денот поминат во училиште или за домашните задачи.
 -       Најчесто не знаат каде им се децата и со кого се дружат.
 -       Не поминуваат многу време со децата.

 Незаинтересираните родители очекуваат децата сами да се воспитаат. Не им даваат насоки, не ги негуваат, ниту создаваат или развиваат некаков однос со децата. Ова е најлошиот стил на воспитување.
 Иако ваквиот однос кон децата не смее да биде оправдан со какви било изговори, сепак треба да се каже дека има најразлични ситуации кои доведуваат до незаинтересирани родители. Некогаш се здравствени причини, родители кај кои одеднаш се  појавила одредена ментална болест или станале зависници од дроги. Некогаш им недостасува знаење за детскиот развој, а некогаш се обземени со други проблеми како работа (пр. често патуваат), сметки или водење на домаќинството.
Децата на незаинтересираните родители секогаш имаат проблем со самодовербата, лоши ученици се, најчесто професионално не напредуваат и се мачат со егзистенцијата и, на крајот, најчесто страдаат од депресија.
 

 
Секојдневната практика покажува дека родителите не спаѓааат само во една категорија, туку во зависност од ситуацијата, на пример, еднаш се попустливи, друг пат се авторитативни. Многу често авторитарните родители одат од една во друга крајност, кога ќе претераат со казните, тогаш се премногу попустливи и дозволуваат сè, како надомест за преголемата строгост, што ги збунува децата уште повеќе.
 
 
Секој дом е универзитет, и секој родител е професор. – Махатма Ганди

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.