Сподели со пријателите

ГРЧЕВИ КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА - Нормална појава или причина за загриженост

Инфантилни колики или грчеви кај новороденчињата, наречени уште како трименонски колики, се дефинираат како напади на силен плач и немир придружен со силно црвенило или со перорално бледило на лицето, и со карактеристични движења на ноџињата кон  стомакот (грчење). 

 

Кога се појавуваат?

Коликите најчесто се појавуваат пред втората недела од животот, а  престануваат или нивниот интензитет се намалува со полни 3 месеци. Во првите 3-4 месеци од  животот на бебето, коликите (грчевите) се најчеста појава. Се појавуваат кај 20-40% од бебињата и тоа подеднакво често кај доените и кај бебињата на адаптирано млеко. Тие се случуваат наеднаш од „чиста мира“ и траат и по  неколку часа. Проследени се со неутешно плачење на бебето, вознемиреност, нарушување  на  сонот и на хранењето, а нарушено е и расположението на целото  семејство. Најчесто се појавуваат попладне и навечер и тоа со поголем  интензитет, а може да се појавуваат и преку цел ден и во текот на ноќта. 

 

Дали се работи за болест? 

 

НЕ, грчевите не се болест туку нормална  појава. Тоа  е состојба во која децата се вознемирени и плачат, но воедно тоа се здрави деца и деца кои примаат храна и кои одлично  напредуваат.

 

Кои се причините?

 

Причините за појавата на грчеви на науката не и се целосно познати и точниот етиолошки  фактор не е определен. Постојат неколку теории за настанувањето на грчевите: 

  • бебето не поднесува млеко, 
     
  • гастро-интестиналниот тракт не е доволно развиен, па се појавуваат спазми, 
     
  • привремена хормонска нерамнотежа, 
     
  • бебињата цицаат многу бргу, што води до полнење на цревата со воздух, нивно растегање и надуеност, 
     
  • преголема чувствителност на нервниот систем на бебето во однос на надворешната средина и прием на многу стимулации истовремено. 

 

Моментално, како најрелевантни се сметаат теориите за незрелост на дигестивниот и  нервниот систем кај бебето, додека теоријата за влијанието на мајчината исхрана на  грчевите кај бебето е застарена. Ова значи дека мајката може да јаде разновидна храна без притоа таа да е фактор за појава на грчевите кај бебето. Значи, се работи за  нормална развојна појава која бебето ја чувствува како неудобност и грч. Се смета дека  не е болка, затоа што е докажано дека нивото на кортизол (хормон на стрес) кај бебињата кои имаат грчеви не е поголем од кортизонот кај оние кои немаат. 

 

Како треба да се третираат инфантилните колики (грчеви)? 

 

 

Лекување на грчевите со лекови не е потребно.

 

Она што може да се сугерира и да биде од помош е: 
 

  • информирање на родителите за тоа што се инфантилни колики,
     
  • мануелни масажи на стомачето на бебето, 
     
  • ставање на топла пелена и легнување на бебето на страна со свиткани нозе,
     
  • редовно подждригнување на бебето по секој оброк, 
     
  • ублажуање на инфантилните колики со давање пробиотици. Утврдено е дека бебињата кои имаат инфантилни колики имаат пониско ниво на пробиотиски бактерии во гастро-интестиналниот тракт, така што давањето пробиотици доведува до колонизација и до намалување на јачината или до губење на грчевите кај бебето. Притоа, треба да се знае дека пробиотикот нема несакани ефекти и се  дава онолку колку што е потребно, 
     
  • Давањето препарати кои содржат симетикон не даваат значајни резултати, и се применуваат онаму каде грчевите се последица од голтање воздух. 

 

Инфантилните грчеви се исто што и никнувањето заби, проодувањето, прозборувањето – односно само уште една фаза во созревањето на вашето дете.

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.