Сподели со пријателите

ПУБЕРТЕТ фази во развојот кај девојчињата и момчињата

Пубертет е период од животот кога децата доживуваат големи физички и емоционални промени, со што од деца полека преминуваат во возрасни личности. Растењето започнува во првата половина на пубертетот, и завршува кога завршува и пубертетот. Покрај физичкиот раст и физичките промени на телото, пубертетот претставува „бурна доба“ кога се во прашање емоционалните и психичките промени и доживувања кај адолесцентите.

 

Кога започнува пубертетот?
 

Сите деца на светот поминуваат низ пубертет. Кај девојчињата, пубертетот, вообичаено, се случува помеѓу 10. и 14. година, додека кај момчињата малку подоцна, помеѓу 12. и 16. година. Во текот на годините, годишната граница за влегување во пубертет постојано се намалува. Просечна возраст за појава на прв менструален циклус во 1900 год. била 15 години. До 1990-тите веќе се намалила на 12,5 години, и продолжува да се намалува под 10 години. Видот на исхрана, храната богата со пестициди и загаденоста на околината (воздух и почва) се главните причини за овој тренд. На годината на појава на првите знаци влијаат и генетските фактори и семејната историја за пубертетот на родителите. Постојат случаи на прерана или на задоцнета појава на пубертет. Доколку првите знаци се појават пред 6. година (девојчиња црна раса), или 7. година (девојчиња бела раса), или пред 9. година кај момчињата се смета за преран пубертет. Доколку првите знаци се појават по 13,5 години (девојчиња) и по 14. година (момчиња), се смета за одложен пубертет. За секое двоумење, најдобро е да се консултира прво лекар, пред да се носат какви било заклучоци.

 

Првите промени
 

Пубертетот е фаза од биолошкиот развој во која децата стануваат сексуално зрели суштества подготвени за размножување.  Кај момчињата, првите промени што ги предизвикуваат хормоните се во тестисите – евидентно е нивното зголемување и создавање на тестостерон и сперма. Кај девојчињата, првите промени се насочени кон зголемување на градите. Потоа, се појавуваат првите влакна под пазувите, и на и околу гениталиите. Последната физичка промена кај момчињата се влакната на лицето, т.е. брада и мустаќи. За време на тие 2-3 години, додека трае фазата пубертет, се вели дека телото расте нагло или одеднаш. Некои деца се случува да пораснат и по 10 см годишно. Меѓутоа, телото не се менува одеднаш цело, туку дел по дел. Како резултат на создавањето на тестостеронот, кај момчињата се случуваат неколку промени во обликот на телото. Рамениците стануваат пошироки, телото повеќе мускулесто, гениталиите се зголемуваат, накратко и градите се зголемуваат, но најчесто и се повлекуваат назад на крајот на пубертетот. Момчињата стануваат мажи и кога гласот ќе им мутира и ќе им стане подлабок. 

 

Телото на девојчињата се пополнува и се заоблува. Колковите се шират, градите растат, за почеток со мал оток под брадавиците, и нерамномерно, едната града побрзо од другата, но на крај најчесто се изедначуваат. Најчесто, по 2 години откако ќе почнат да растат градите кај девојчињата, се случува уште една значајна промена – првиот менструален циклус. Циклусот вообичаено трае од 2 до 7 дена и може да биде проследен со болки со помал или со поголем интензитет. За полесно надминување на првиот циклус, од голема важност се соодветните подготовки и разговори со родителите (најчесто со мајката).

 

Не сите промени се пријатни

 

Најголемиот дел од децата поминуваат низ уште една промена – појава на акни. Кај некои, кожата сама се чисти за неколку месеци, а кај некои акните се проблем кој трае со години. Најчесто, доволно е лицето да се мие 2 пати дневно со млака вода и благ сапун или тоник, но, доколку е потребно, може да се консултира козметичар или кожен лекар. Во никој случај не е препорачливо децата сами да ги третираат и да користат препарати на своја рака.

Уште една не многу пријатна промена е новиот мирис на телото, конкретно под пазувите. Под  дејство на хормоните, започнуваат со работа жлездите во кожата, вклучувајќи ги потните жлезди во пазувите. Кога потта и бактериите на површината на кожата ќе се измешаат, се создава непријатен мирис. За да се намали појавата на телесниот мирис, најдобро е децата да се тушираат секој ден, и задолжително веднаш по спортска активност, со користење на благи и природни средства за хигиена.  

Сите промени во текот на пубертетот се нормални, иако се повеќе или помалку непријатни. Кај девојчињата, дополнително може да се појави бел вагинален исцедок, а кај момчињата се појавуваат ерекции. Во почетокот, ерекциите се појавуваат многу често, дури и без причина. Но, како изминуваат годините на пубертетот, така и честите ерекции се намалуваат. 

 

Луди години
 

Физичките промени можеби полесно се поднесуваат. Но, емоционалните се оние поради кои овој период го викаат „луди години“. Тинејџерите се збунети, чувствителни, лесно се вознемируваат, темпераментни се, реагираат бурно и  различно од претходно, што е збунувачки за околината и особено за родителите. Многу е важно во овие години родителите да се присутни што е можно повеќе во животот на своите деца, и покрај сите одбивања, што најверојатно ќе ги добијат, бидејќи фазата е таа, родителите не се повеќе ни авторитет, ни доволно забавни за друштво. Меѓутоа, со интензивна комуникација и некогаш и со стручна помош, доколку е неопходно, треба да им се објасни на децата за процесот во кој минуваат и за важноста од нивната адаптација кон новонастанатите промени. 

 

Кон крајот на пубертетот, се интензивираат и сексуалните чувства и потреби. Децата имаат многу неодговорени прашања, измешани чувства, и затоа е важно да зборуваат за тоа со родителите или со друг возрасен со кој се чувствуваат доволно слободни да разговараат на оваа тема. Важно е да ги добијат вистинските одговори. 

 

Меѓутоа, не се сите емоции лоши. Ова е време кога тинејџерите осознаваат за своите интереси и цели, и учат како да комуницираат со средината на зрел начин.

 

Пубертетот не започнува кај сите деца од класот или кај другарчињата од едно друштво истовремено. Кај некои порано, кај некои подоцна, но, на крајот, сите стигнуваат на истата цел. 
 

  

 

 

 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.