Сподели со пријателите

ПРАВИЛЕН РАСТ И РАЗВОЈ КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА

Растот и развојот се едни од најважните обележја кај децата од нивното раѓање. Растот не е само едноставен квантитативен процес на зголемување на димензиите на телото, туку е еден сложен процес кој ги опфаќа и квалитативните промени на структурата , функцијата и реактивноста на поедини ткива и органи, како и психичките промени на детето при неговото прилагодување на околината.

 

Нормални димензии и карактеристики кај новороденче

 

Терминското новороденче, во најголем број од случаите, е со телесна тежина од 2,3 до 4,1 кг, должина од 46 см до 54 см и со обем на глава од 33 см до 64 см. 

Во текот на првите денови од животот, новороденчето губи до 10% од својата тежина, за по 15 дена да ја постигне својата родилна тежина и почнува да добива 500 до 700 г до крајот на првиот месец.

По раѓањето, новороденото бебе може да ја врти својата глава, може да го фокусира погледот најчесто на лицето на својата мајка, реагира на силни звуци, јака светлина и има силни рефлексни движења (примитивни рефлекси).

 

Во доенечкиот период, просечното зголемување на телесната тежина во првите три месеци од животот е 20 до 30 г дневно, во второто тримесечје 15 до 20 г дневно, со што некаде на 6 месеци бебето ја дуплира својата почетна телесна тежина, а на една година нормално е за трипати потешко.

Должината и обемот на главата се, исто така, важни показатели за правилниот раст и развој на доенчето. Така, до крајот на првата година, доенчето добива 25 см на својата должина, а обемот на главата расте по 2 см во првите три месеци, а на крајот на првата година до 12 см.

 

Ние, педијатрите, располагаме со т.н. графикони на раст преку кој со секое внесување на мерките се следи напредувањето на доенчето споредено со нормалните – референтни мерки за дадената возраст и пол. На овој начин, се следат евентуалните отстапвања и се бараат причините за заостанувањето во растот или други отстапувања.
 



Останати фактори и показатели за нормален раст и развој

 

Покрај физичките, постојат и други фактори кои укажуваат на напредувањето на бебето. Тоа се крупни и фини моторички вештини, како и социјална адаптација. Така, веќе со наполнети месец и половина, бебето се насмевнува на познат лик и глас, на 3 месеци ја држи главата, ги става рацете во уста, а на 4 месеци се обидува да држи предмети и играчки. Веќе на 6 месеци се одбива од подлогата, префрла играчки од едната во друга рака и гуга. На 7 месеци се превртува на стомак и почнува да седи, на 8 месеци почнува да разбира некои наредби, а со наполнети 9 месеци може стабилно да седи, има фина моторика на палецот и показалецот и кажува најмалку еден збор со значење. На едногодишна возраст, веќе може да стои и да оди со придржување, да изговара најмалку 3 збора со значење и може самостојно да врти страници од книги и сликовници.
 

Првата година – важна за цел живот!

 

Првата година од животот на бебето е од извонредно значење кога е во прашање неговиот правилен раст и развој. Детето расте со изразено брзо темпо, па неопходно е родителите внимателно да го следат физичкиот и психичкиот развој на своето дете. Во настојување да ја запознае својата околина, бебето собира искуства и информации, па почнува да ги создава првите навики од животот, да се чувствува гладно, да сака да си игра, знае кога му е потребна нега и заштита од родителите, а со самото тоа влијае на сопствениот телесен и ментален развој понатаму во животот. 


 
 

 
 
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.