РЕЦЕПТИ 10

РЕЦЕПТИ 10
Салата од праз и туна

3 средни стракови праз

1 конзерва туна
сок од ½ лимон, сол и бибер
Подготовка
Празот ситно се сечка, се посолува и се прогмечува со рака. Се додава туната, сокот од лимонот и сè заедно добро се меша.
По желба, наместо туна може да се употреби сардина.
Пилешка чорба со коприви

Состојки
пилешко месо
1 главица кромид
1 чешне лук
неколку шаки коприви
магдонос, сол, зачин и бибер
Подготовка
Пилешкото месо се вари. Се процедува, месото се одвојува од коската, се сече на мали парченца и се враќа во процедената вода. Копривите се попаруваат со врела вода, се прелева со ладна вода, се процедува и се сечка. На масло се пржи исечканиот кромид со 1 лажица брашно и копривите. Оваа смеса се додава во водата со пилешкото месо и се доварува уште 4-5 минути. Се посолува и се зачинува по желба.
Оваа чорба е задолжително и незаменливо јадење за сите оние кои се слабокрвни, изнемоштени и заздравуваат од тешки заболувања. Идеална е за јакнење и за чистење на крвта. Особено е корисна за децата.
Рестуван компир

Состојки

1 кг компир
1 дл масло
2 главици кромид
малку црвен пипер, сол и бибер
Подготовка
Компирот се вари заедно со лушпата. Се лади, се лупи и се пасира со виљушка. На масло се пропржува кромидот, се додаваат црвениот пипер и компирот. Се посолува и добро се промешува.
Салата од модар патлиџан

Состојки

модри патлиџани
црвени домати
китка магдонос
лук, сол
Подготовка
Модрите патлиџани заедно со кората се сечат на кришки од околу 0,5 см, па се посолуваат и се цедат. Вака подготвени се пропржуваат од двете страни на сосема малку масло. Црвените домати се сечат на кругови, а лукот и магдоносот се сечкаат ситно и се мешаат во една смеса. Во тава се ставаат кришките модар патлиџан и на секоја од нив се реди наизменично еден слој од смесата од магдонос и лук и слој од црвениот домат. Повторете го редењето најмалку 3 пати. Се посолува по желба. Се сече на коцки и има одличен декоративен изглед. Може да се служи како предјадење со парче сирење.
Намаз од ленено семе (здрава замена за мајонез)

Состојки
6 лажици ленено семе
250 мл вода
150 мл ладно цедено маслиново масло
1 лажичка сол
2 лажици сенф, сок од 2 лимона
Подготовка
Лененото семе се блендира со 250 мл вода. Откако смесата убаво ќе се изедначи во форма на крем, се додава ладно цеденото маслиново масло и повторно се блендира. Потоа, се додаваат солта, сенфот и сокот од лимон. Сето тоа заедно се блендира, сè додека смесата целосно не се соедини. Намазот е готов. По желба, може да се додаде луто пиперче и разни тревкасти зачини за приспособување на личните вкусови.
ВИШНА – против болки и воспаленија

Темноцрвена, привлечна и сочна. Со киселкав вкус и многу освежителна. Едноставно, вишната е овошје што содржи речиси сè што му е потребно на еден организам да остане здрав и витален. Поседува неверојатни лековити својства. Содржи богатство од витамини, минерали и, пред сè, антиоксиданси. Покрај низата позитивни дејства, карактеристична е по докажаните антивоспалителни ефекти.
20 вишни дневно го ослободуваат телото од болки, идентично како да употребите таблета против болка.
ЦРЕША – неодоливо привлечна

Не само што се омилен овошен десерт во овој период од годината, црешите се и вистинско мало богатство преполно со корисни витамини, минерали и антиоксиданси. Имаат изразено поволен ефект врз лекување на болести на срцето, коските и зглобовите. Богатството од антиоксиданси ги прави совршени во превенцијата од малигни заболувања и во зајакнување на имунолошкиот систем. Богати се и со мелатонин, со што на многу природен начин го регулираат ритамот на спиењето, ја подобруваат меморијата и го одложуваат процесот на стареење.