Сподели со пријателите

Уринарни инфекции

Уринарните инфекции се честа и болна појава кои, според честотата, се наоѓаат веднаш зад респираторните инфекции. Се појавуваат многу почесто кај жените отколку кај мажите. Сепак, иако поретки, кај мажите оваа појава може да биде посериозен здравствен и терапевтски проблем.

 



Причинители

Нормално, урината е чиста, стерилна и без присуство на бактерии. Инфекциите, најчесто, се предизвикани од бактерии кои по различни патишта стигнуваат до уринарниот тракт.  Најчесто, тоа е надворешниот мочен отвор, но може да стигнат и преку крвта, лимфата или преку директно ширење од други органи и ткива коишто се инфицирани.

Во најголем број од случаите, како причинител се појавува бактеријата Ешерихија коли. Таа е вообичаен жител на дигестивниот тракт, кој во контакт со  слузокожата на уринарниот систем, може да започне бргу да се размножува и да предизвика воспаление, проследено со болки и со други придружни симптоми. 

 


 

Фактори кои влијаат за развој на уринарната инфекција

Уринарната инфекција настапува по навлегување на бактериите во уринарниот тракт. Шансите за ова се многу поголеми кај жените, отоколку кај мажите, бидејќи мочниот меур кај жените е многу поблиску до половите органи. 

Покрај полот, неколку други фактори се сметаат како предиспозиција за развивање на уринарни инфекции:

  • сексуално активни жени – делумно поради тоа што женската уретра е пократка и затоа полесно бактериите можат да стигнат до мочниот меур;
  • лица со уринарни катетри;
  • дијабетичари – промените во имунолошкиот систем го прават лицето со дијабетес поподложно на инфекција. Исто така, повисокото ниво на шеќер во урината го олеснува развојот на бактериите;
  • мажите со зголемена простата – ова може да предизвика мочниот меур само делумно да се испразни;
  • камења во бубрезите;
  • менопауза;
  • намален имунитет;
  • користење тампони;
  • бремени жени;
  • користење на дијафрагмата како контрацепција.

 

Честите симптоми на инфекција на уринарниот тракт вклучуваат:

  • чест и силен нагон за уринирање;
  • заматена урина која може да содржи и траги од крв;
  • непријатен мирис на урината;
  • болка или чувство на печење при мокрење;
  • гадење и повраќање;
  • мускулни болки и абдоминални болки;
  • силен нагон за уринирање, а се уринира само мало количество.

Дијагностика

Дијагнозата на уринарните инфекции се темели врз микробиолошкиот наод од правилно земен примерок од урината и брис од уретрата. 

 

Иако ниеден стандарден тест не може да утврди разлика помеѓу инфекција на горниот и на долниот дел од уринарниот тракт, присуството на висока температура (треска) и болка во грбот, може да навестат дека инфекцијата се проширила и на бубрезите. 

 

 

 

Лекување

Третманот на уринарните инфекции се темели, првенствено, врз клиничката состојба на болниот. Доколку имате симптоми кои се карактеристични за инфекција на уринарниот тракт, а, генерално, сте во добро здравје, антибиотиците се првото решение. Кои лекови ќе бидат препишани и колку ќе трае терапијата, зависи од општата здравствена состојба и од видот на бактеријата која лабораториски е утврдена. 

Вообичаено, симптомите на инфекцијата се намалуваат веќе по неколку дена од почетокот на терапијата, но најчесто со користење на утврдената терапија се продолжува уште една недела, па и подолго. 

 

Покрај стандардната медикаментозна терапија, третирањето на уринарните инфекции со лековити растенија се покажало како мошне успешно. 

Растенијата кои се користат при третман на овој вид инфекции се: брусница, мечкино грозје, бреза, ангелика, ехинацеа, коњско опавче, рен, магдонос, зајчев трн, коприва, пиреј. Тие делуваат како уринарни антисептици, антиинфламатори, антиспазмолитици и диуретици.

Комбинацијата на овие антисептички билки може значително да помогне во борбата против инфекцијата. Бидејќи се исфрлаат преку урината, природно го носат своето антисептичко и антимикробно дејство во заразената област и, на тој начин, директно делуваат на причинителите на инфекцијата.

Превенција

  • одржувајте соодветна лична хигиена во гениталната регија
  • пијте соодветно количество вода
  • уринирајте секогаш кога ќе имате потреба
  • избегнувајте течности, како алкохол и кофеин, кои може да го иритираат мочниот меур
  • претпочитајте тушеви и избегнувајте употреба на масла за туширање
  • по можност, тампоните заменете ги со хигиенски влошки
  • избегнувајте тесна долна облека и, по можност, таа да е памучна
  • не останувајте долго време со воден костим за капење
  • внесувајте доволни количества витамин Ц
  • пијте сок или чај од брусница

 

Горенаведените совети може да ви помогнат во лекувањето, но не треба да се сметаат за замена на лекарски третман. Уринарните инфекции не се сериозен проблем ако се лекуваат навреме.

 

 

СОК ОД БРУСНИЦА

                                                                                                 

 

Сокот од брусница содржи
антибактериски агенс

наречен хипурична киселина.

Една чаша дневно може да

го намали ризикот од инфекции на 

уринарниот тракт.

 

 

                                                              

 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.