Сподели со пријателите

НОЌНА АПНЕА ПРЕСТАНОК НА ДИШЕЊЕТО ВО СОН

Престанокот на дишењето за време на спиење може да се појави кај секој од нас. Сепак, доколку фрекфенцијата на престанок е многу честа и прекинот на дишењето трае десетина секунди,
па и повеќе, тогаш станува збор за потенцијално сериозно нарушување наречено ноќна апнеа.

 

Што е ноќна апнеа?

Апнеата претставува престанок на дишењето за време на сон, односно периоди на изостанок на дишењето кои вообичаено траат 10-тина секунди, а можат да се појават и до 40 пати во тек на еден час. Кај лицата кои страдаат од ова нарушување квалитетот на сонот е значително намален, ретко се достигнува состојба на длабок сон и најчесто се будат поспани и изморени. Лицето кое страда од ова нарушување вообичаено не е свесно за тоа што му се случува, па семејството е тоа кое првично може да ја препознае состојбата. Понекогаш, поради чувство на давење и душење, лицето се буди  и станува свесно дека нешто не е во ред. 

 

Два типа на ноќна апнеа

 

Опструктивна ноќна апнеа

Опструктивната ноќна апнеа е почест тип на нарушување. Причината за појава на овој тип апнеа е опструкција на системот за дишење и се јавува  кога мекото ткиво и мускулите во задниот дел на грлото се опуштаат и ги блокираат дишните патишта во текот на спиењето.

 

Централна ноќна апнеа

За разлика од опструктивната ноќна апнеа, централната ноќна апнеа не се појавува заради опструкција на дишните патишта, туку заради нестабилност во респираторниот центар. Оваа нестабилност оневозможува мозокот да ги испрати потребните сигнали до мускулите што го контролираат дишењето.

 

Последиците можат да бидат и повеќе од сериозни

Последиците од престанокот на дишењето за време на спиење и губењето на квалитетот на сонот не се случуваат веднаш. Ова е нарушување што остава последици на долга патека. Ако не се третира соодветно, може да предизвика и посериозни здравствени нарушувања како: висок крвен притисок, аритмии, срцев и мозочен удар, дијабетес, глауком, промени на концентрацијата, отежнато извршување на секојдневните обрски и генерално нарушување на квалитетот на животот.

 

Лицата кои страдаат од апнеа често се раздразливи, депримирани, па дури и импотентни. На работа често може да бидат протолкувани како неработници заради тешкотијата да останат сконцентрирани и будни. Чести се случаите и на откази од работното место пред да се открие вистинскиот причинител. 

 

Откривање на „кошмарот“

Симптомите на болеста може тешко да се утврдат, бидејки истите се јавуваат ноќе додека спиеме.

Симптомите може да бидат различни кај различни луѓе. Најчесто се манифестира со дневна поспаност и со замор, но може да се открие и по проблеми со срцето или висок притисок што не може да се регулира. Апнеата има манифестации што се типични, но не мора секој да ги има истите симптоми и затоа некогаш тешко се препознава и останува не откриена се додека не се јави симптомот на постојана поспаност во текот на денот. Овие луѓе можат при самото седнување да заспијат. Се случува да заспијат додека возат автомобил, кога чекаат на семафор или во сообраќаен метеж. 

 

Ова се некои од знаците кои може да покажат дека можеби сте под влијание на овој проблем:

  • Многу силно ’рчење
  • Отежнато дишење
  • Поспаност во текот на денот
  • Немирен сон
  • Често одење во тоалет многу рано наутро
  • Будење со сува уста или грло
  • Утринска главоболка
  • Неможност за концентрација во текот на денот
  • Промени на расположението
  • Раздразливост
  • Депресија
  • Спиење во чудни позиции
  • Прекумерно потење во текот на ноќта
  • Кошмари
  • Дишење преку устата

Ризични групи и ризик-фактори

Апнеата како пореметување најчесто се јавува по триесеттата година од животот. Може да се појави и порано, па дури и кај децата. Кај мажите е почеста појавата на апнеа, сè до периодот на менопауза кај жената, кога се изедначуваат. Можноста за појава на апнеа е до трипати поголема кај пушачите од оние што не пушат цигари. Семејна историја со апнеа може да е фактор, но тоа не значи дека мора да се појави, бидејќи зависи и од други фактори. Апнеата се јавува и кај оние со вродени деформитети на мекото непце, јазикот, долната вилица, ждрелото и на носната преграда. Сето тоа ја зголемува можноста пациентот да 'рчи. Колку е поинтензивно и секојдневно 'рчењето толку се поголеми и шансите за апнеа за време на спиењето. Педесет отсто од овие лица имаат апнеа во сон. Но, не мора да 'рчите за да имате апнеа во сон. Зголемената телесна тежина, и прекумерната употреба на алкохол, исто така, се вбројуваат во еден од ризик-факторите. 

 


Лекување и третирање на ноќна апнеа

Апнеата е состојба што останува цел живот, a со примена на соодветна терапија или измени во начинот на живот, на пациентот му се дава можност да живее
поквалитетно и, секако, да се избегнат последиците од неа. Третман за нејзино дефинитивно елиминирање не постои. Оттука нејзиното лекување може
да вклучи различни третмани и терапии од кои, во зависност од сериозноста, некои може да се практикуваат во домашни услови, додека за некои е
потребна медицинска помош.

 

Кај поблаги форми на апнеа доволни се некои од препораките во однос на:

  • Промена во начинот на исхрана и  избегнување на прејадување, особено навечер
  • Намалување на телесната тежина
  • Редовно одење на спиење
  • Често менување на положбата на спиење
  • Прекин на консумација на алкохол 
  • Избегнување на спиење на грб

 

Кај посериозни случаи потребен е медицински третман кој може да вклучи:

  • Носење на специјални маски и апарати за дишење, коишто кога пациентот ќе престане да диши, земаат воздух однадвор и под зголемен притисок го внесуваат во дишните патишта
  • Хируршки зафат или операција 

 

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.