Сподели со пријателите

Алергиски конјунктивитис

Алергиски конјунктивитис претставува акутно или хронично интерклиничко воспаление на конјунктивата на окото кое се манифестира со солзење, црвенило, локален оток и чешање. Алергиски кератоконјунктивитис претставува алергиско воспаление на конјунктивата и корнеата.

 

ПРИЧИНИ И ВИДОВИ
Причината за појава на алергиски конјунктивитис е пречувствителност на одредени специфични алергени. Постојат неколку подтипови на алергиски конјунктивити.

Сезонски алергиски конјунктивитис.
80% од случаите на алергиски конјуктивитис се токму од оваа група. Се појавува на пролет, касно лето и во есен. Во зимскиот период се смирува што се совпаѓа со животниот циклус на растенијата. Најчести причинители на овој тип на алергиски конјунктивитис се полен од липа, амброзија, бреза, коприва и други.

Целогодишен алергиски конјунктивитис
На оваа категорија отпаѓа 10% од вкупниот број. Многу често е пратен со кивање и кашлање. Најчести алергени се некои видови на храна, животински влакна од миленичиња, лекови или козметика.

Атопичен алергиски конјунктивитис и вернален алергиски кератоконјунктивитис.Најчесто се појавува кај момчиња од 5 до 15 години. Има три форми: палпебрална, лимбална и мешана форма. Овде клинички знак се папилите на конјунктивата, промени на лимбус и корнеа кои се видливи на биомикроскоп. 
Вернален кератоконјунктивитис претставува хронично, билатерално очно воспаление. Најчесто се појавува кај деца и млади индивидуи почесто машки. Ова е најтешката форма. 

Гигантицелуларен алергиски конјунктивитис.
Се јавува најчесто кај пациенти кои користат контактни леќи и очни протези.
 

Се почести се и таканаречените урбани алергии, односно алергии кои се јавуваат како реакција на загадениот воздух во големите градови.

 
СИМПТОМИ

Клиничките манифестации на алергискиот конјунктивитис не се разликуваат многу од оние кај конјунктивитис од не-алергиско потекло, односно има чешање, солзење и црвенило на очите и оток на очните капаци. Главната разлика помеѓу сезонскиот алергиски конјуктивитис и целогодишниот алергиски конјуктивитис е времето на појава. Симптомите кај сезонскиот алергиски конјунктивитис се јавуваат во дефинирано време, односно во периодот кога има најголемо присутво на поленски алергени.
 
КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ?

Профилаксата на изложеност и избегнување на контакт со претходно идентификуваниот алерген е најдобра мерка за превенција. Но, како и кај другите алергиски болести во повеќето случаи е тешко да се изолираме од алергените, со оглед на широкото присуство на алергени во секојдневните активности и во надворешната средината.

ТЕРАПИЈА
Третманот на алергискиот конјунктивитис е не-фармаколошки и фармаколошки. Нефармаколошката терапија се состои од мерки за контрола на животната средина (изложена профилакса), која во повеќето случаи има ограничени ефекти. 
Фармаколошката терапија на алергиските конјунктивити е базирана на употреба на вештачки солзи, локални вазоконстриктори, кортикостероиди и  антихистаминици. Терапијата со користење на вештачки солзи  се состои од механичко испирање на алергенот и на тој начин ублажување на воспаленито. Локални вазоконстриктори, делуваат на начин што механички ги стеснуваат крвните садови на очите и на тој начин клиничката слика ја прават помалку драматична. Друга опција на третман се локалните кортикостероиди. Даваат брз ефект, меѓутоа не може долго време да се користат заради можните негативни реакции. Локалните антихистаминици и стабилизатори на мастоцити се најчесто користени препарати за третман на алергиски конјунктивитис директниот ефект  врз воспалителниот процес. Огромна предност е и можноста да се користат долго време и поголемата безбедност која ја нудат.
 
Др. Светлана Стојковска 
Здравствен Дом Скопје, Поликлиника Битпазар
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.