Сподели со пријателите

ЗАШТИТА НА КОЖАТА ОД СОНЦЕ - Cè што треба да знаете

 

Без оглед на возраста, секоја кожа има потреба од заштита од сонце. На пролет, при појава на првото појако сонце, најзасегнати сe две групи. Првата група се најмалите, бидејќи природните заштитни механизми во нивната кожа се сѐ уште неразвиени и потребно е да ги заштитиме со соодветна облека, со доволно течности и со производ за заштита од сонце адаптиран за чувствителната детска кожа. Втората засегната група се луѓето склони кон хиперпигментни промени на кожата.

 
ЗА ПРАВИЛНА ЗАШТИТА НА ВАШАТА КОЖА КОРИСТЕТЕ КВАЛИТЕТНИ И ПРОВЕРЕНИ ФОТОЗАШТИТНИ ПРЕПАРАТИ КОИ ВО СВОЈОТ СОСТАВ ТРЕБА ДА СОДРЖАТ УВБ И УВА ФИЛТРИ ЗА ЗАШТИТА НА КОЖАТА.
 
 
Практикувајте утринско сончање

Умереното изложување на сонце во кратки временски интервали природно ја зголемува отпорноста кон УВ зраците доколку постепено се приспособувате.
Изложеноста на сонце без заштитен фактор, препорачливо е да биде исклучиво во утринските часови од 7-10 часот и тоа во краткотрајни интервали од максимум 10-15 минути. По постигнувањето на 15-минутното дневно сончање, задолжително е користење заштитен фактор со минимум СПФ 30.
 

Иако секојдневните препораки се во насока да се избегнува прекумерната изложеност на сонце, бронзениот тен сè уште важи за симбол на убавина, па многумина, иако се свесни за последиците, сепак прекумерно се изложуваат на сонце.
 
Избегнувајте „пржење“ на плажа

Идејата за инстант чоколаден тен многу често може да заврши и со сериозни поледици. Повеќечасовното лежење на сонце не е нималку наивна постапка, особено за лицата со светол тен. Доколку не можете да одолеете на магијата на летните плажи, тогаш изложувајте се постепено на сонце, користете соодветна заштита и контролирајте ги интервалите на изложеност.
 
УВ зраците напаѓаат и кога сте во сенка

Лежењето под сенка и на ладовина под некое дрво или под чадор за сонце не значи дека сте целосно заштитени. УВ зраците доаѓаат отсекаде, се одбиваат од песокот, од бетонот и од други површини. Иако ултравиолетовите зраци не се одбиваат од вода, тие лесно поминуваат низ неа, па, додека пливате, воопшто не сте заштитени од сонцето.
И во ладните и облачни денови треба да ја заштитите кожата од сонце. Имено, и тогаш може да изгорите, затоа што зраците многу лесно поминуваат низ облаците.
 
Практични совети: 

Започнете со препарати со највисок заштитен фактор, а потоа употребувајте препарати со понизок заштитен фактор.

Препаратот за заштита од сонце секогаш се нанесува 30 минути пред изложување на сонце. 

По сончањето, користете млеко за употреба по сончање, за хидрирање и за враќање на виталноста на кожата. 

Нанесувањето на фотозаштитни препарати не значи дека може да останете на сонце долго време. 

За време на облачен ден, 30-50% од УВ зраците допираат до вашата кожа, па, сепак, е возможно да изгорите. 

Употребувајте соодветна облека за заштита од сонцето (капа, очила за сонце, лесна и светла облека од природни материјали – памук или лен). 

Избегнувајте изложување на сонце од 10-17 часот. 

Внесувајте што е можно повеќе вода и природни сокови.

 
Имајте предвид дека препаратите за самопотемнување не ја штитат кожата!

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.