Сподели со пријателите

АНКСИОЗНОСТ

Во услови на брзо темпо на живеење, брзи технолошки промени, економска загриженост, како и глобални светски социјални кризи, појавата на состојбата на анксиозност е сè поголема. Ваквите податоци се уште повеќе загрижувачки бидејќи најчесто анксиозните личности не ја сметаат доволно сериозно својата состојба за да побараат професионална помош. 

 

Што, всушност, претставува анксиозноста?

 

Анксиозноста е чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледна надворешна причина, психомоторна напонатост и загриженост. Анксиозноста се манифестира преку повеќе физички и психички симптоми кои се доживуваат како  непријатни, а често се појавува во комбинација и со други болести, особено со депресија. Специфично за анксиозноста е што најчесто е немотивирана и не е поврзана со некој конкретен објект, настан или личност. 

Поимот анксиозност често се поистоветува со поимот страв. Но, сепак, станува збор за две сосема различни појави, и важно е да се направи дистинкција меѓу нив. Анксиозноста е квалитативно различно доживување од стравот и се појавува кога личноста не може да се соочи со опасноста. 
 

Кај стравот, опасноста е рационална, бидејќи објектот или појавата свесно се перципираат и можат да се идентификуваат, додека кај анксиозноста не постои свесно перципиран објект или извор на појавата што предизвикува опасност и тоа се сведува на очекување дека ќе се случи нешто непријатно или опасно. Концептот на неограничени можности за замислување на идните појави претставува еден вид непресушно гориво за анксиозност.

 

 

Причини

Точната причина за анксиозноста не е позната, но постојат многу фактори што можат да го поттикнат развојот на анксиозноста. Улога играат генетските фактори, биохемиските процеси во мозокот и влијанието на средината. Разните трауми или стресни моменти во текот на животот, смрт на блиска личност, развод, промена на работното место, промена на местото на живеење – може да предизвикаат анксиозност.

 

Симптоми на анксиозност

 

Физичката манифестација на анксиозноста најчесто оди преку: забрзана работа на срцето, хипертензија, забрзано и плитко дишење, мачнина и сува уста, вцрвенување и потење, тремор, гастроинтестинални нарушувања, мускулна напнатост, губење здив и чувство на гушење, тешкотии во голтањето („кнедла во грлото“), чувство на слабост итн.

Психичките знаци за  анксиозност се: лесно губење на трпението, тешкотии со спиењето, тешкотии со концентрацијата, постојано очекување на негативен исход од секоја животна ситуација, опсесивност, потреба за бегство, криење или избегнување обврски итн.

 

 

Кога треба да му се обратите на вашиот лекар:

Не секогаш лошиот ден или период на загриженост и вознемиреност претставува анксиозна состојба. Но, доколку повеќето од наведените симптоми се присутни повеќе од шест месеци, најверојатно станува збор за анксиозно нарушување, и помошта и советите од лекар се важни во навремено дијагностицирање и справување со проблемот.

 

Третман на анксиозноста

Со цел подобрување на квалитетот на живеење на анксиозната личност, исклучително важно е раното препознавање на анксиозноста и соодветен професионален третман. Професионалното третирање во раните фази помага да се спречат некои потешки последици како што се: депресија, злоупотреба на алкохол, психотропни супстанции и друго.

Постојат бројни психотераписки пристапи, како гешталт-терапија, когнитивно-бихејвиорална терапија, семејна терапија и други кои можат да ви помогнат да ја надминете анксиозната состојба. По потреба, според процената на професионалното лице, во третманот може да се вклучи и медикаментозна терапија, односно употреба на анксиолитици и антидепресиви.

 

Самотретман

Во некои случаи, анксиозноста може да се лекува дома без надзор на доктор. Сепак, ова може да биде ограничено на пократки периоди на анксиозност и поочигледни причини.

 

Постојат неколку вежби и активности кои се препорачуваат:

 

Управување со стресот: Учењето да се управува со стресот може да помогне да се ограничат потенцијалните предизвикувачи. Внимавајте на притисоците и крајните рокови, составувајте листи за да ги направите застрашувачките задачи полесни за исполнување 

 

Техники на релаксација: Едноставни активности може да се користат за да се ослободите од менталните и физичките знаци на анксиозност. Тие вклучуваат медитација, вежби за длабоко дишење, долги бањи, одмор во затемнета просторија и јога.

 

Здрав начин на живот: Одржувањето на активноста, соодветната исхрана, излегувањето во природа, времето поминато со семејството и со пријателите – се ефикасни во намалување на анксиозноста и подобрувањето на вашата општа состојба. Користењето природни состојки како: чај од камилица, зелен чај, хмељ, лаванда, валеријана, матичина, може да ви помогне многу за да ги смирите вашите мисли.  

Спортувањето и физичкиот напор, исто така, може да ја подобри сликата која ја имате за себе, и да ги ослободи хемиските компоненти во мозокот што предизвикуваат позитивни чувства.

 

Научете да се соочите

Соочувањето и барањето на вистинската причина можеби е клучот за справување со анксиозноста. Никогаш не предавајте се на првите знаци на слабост. Пронајдете ја причината! Дознајте што довело до нападите и научете да ги трансформирате негативните мисли во нешто позитивно.

 

 
 
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.