Сподели со пријателите

ПЛАНИНАРЕЊЕ - будење на сите сетила

Со повеќе од 200 сончеви денови годишно, поволна клима и изобилство прекрасни пејзажни планини богати со специфична флора и фауна, нашата земја претставува идеална почва за активности и за престој во планина. 
 
Поблиску до самите себе
Планинарењето по дефиниција не претставува само чиста физичка активност. Вистинските љубители ќе речат дека повеќе е активност на себеспознание и спознание на природата во нејзината најчиста форма. Во крајна линија, симбиозата од овие два процеса ќе нè однесе до спознание на нашиот однос и нашата улога со самата природа. 
Еднаш на планина – цел живот на планина. Тоа е највисоката духовна вредност која се „печали“ на планина.

Мевлем за телото и за душата.
Нема поприроден, почист, па дури и поекономичен аеробен тренинг од пешачењето или трчањето на планина. Нерамниот и специфичен релјефен терен надополнет со совладување на висински разлики, ќе  направат дополнително оптоварување на пешачењето, па истото е далеку попродуктивно и попредизвикувачко отколку на рамна површина.
Редовните рекреативни активности на планина или подолгите планирани престои несомнено поволно влијаат врз здравјето, а ваквите активности неретко се препишуваат и како терапија за низа заболувања.
Рекреативното планинарење е одлична вежба чиј ефект, меѓу другото, е јасно видлив кај лица со:
  • кардиоваскуларни заболувања 
  • висок крвен притосок
  • алергиски реакции
  • анемии
  • болести на кожата
  • респираторни заболувања
  • намален имунитет

Престојот на планина особено поволно влијае кај лица со благи форми на депресија, стрес и вознемиреност. Планинскиот мир е неповторлив и уникатен „собирач“ на стресот и другите форми на вознемиреност креирани од модерниот и динамичен начин на живеење.
 
Две во едно – здравo и витко тело
Доколку сте во потрага по форма на активност која ќе придонесе да изградите витко, а во исто време и здраво тело, тогаш вистинската патека е планинарската патека. 
 
Авантура
Движењето и престојот во планина само по себе претставува авантура. Изобилството скриена природна убавина, погледи и пејзажи, од кои здивот застанува, ја прават магијата на авантурата. Потенцијалната средба со питомиот поглед на срната несомнено може да остави длабока трага во вашето битие. Тоа е авантура од посебен вид. Тоа е авантурата која ќе ве врати повторно назад.
 
Храна за сите сетила
Покрај тоа што ќе ги нахраниме нашите бели дробови со свеж воздух и ќе го нахраниме нашиот дух со мир и спокојство, на планина можеме и вистински да го нахраниме нашето тело. Во зависност од пределот и од годишното време, на планина може да најдеме и изобилство свежа и здрава храна од разновидни јадливи плодови и растенија. Идеална можност оброкот самите да си го соберете и да го консумирате во свежа форма. Дополнително можете да се вратите со полна кеса свежо набран планински чај.
Напомена: Не консумирајте и не прибирајте плодови или растенија за кои не сте сигурни дека се јадливи.
 
Корисни совети и препораки
Климата на планина може да е малку или повеќе различна од местото на вашето живеење. Затоа имајте ја предвид и временската прогноза, а во согласност со тоа и изборот на соодветна облека. 
Секогаш имајте доволно количество вода и храна.
Пред да тргнете во вашиот поход избегнувајте масна и тешка храна.
Движењето во друштво секогаш може да биде поинтересно, а секако и побезбедно.
Зачленете се во некое од многуте планинарски друштва. Проширете го кругот на пријатели и љубители на природата. Дополнително истражете ја убавината на нашата земја преку редовните програми на овие друштва.
Чувајте ја околината и внимавајте со своето присуство во планината да не ги нарушувате воспоставените односи на екосистемот. Соберете го целиот смет што ќе го генерирате. 
 
Ви треба мотив повеќе? 
Надвор е веќе пролет. Идеално време за на планина. Земете ги вашите најмили, вашето семејство и уживајте. 
 
Дали знаевте? 
Планинарењето ја поттикнува и ја зголемува креативноста. Минувањето на времето на планина ги зголемува креативните капацитети дури за 50%.
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.