Сподели со пријателите

АЛПИНИЗАМ

ЕСТЕТСКО ДОЖИВУВАЊЕ ИЛИ СПОРТСКО ДЕЛУВАЊЕ. Несомнена е експанзијата на практикувањето разни форми на спортски активности поврзани со планините. 

Поимот „планинарство“ денес има широко значење, па можеби намерно или ненамерно се користат погрешни термини за опишување на некоја од овие активности. Планинарење, високогорство, алпинизам, спортско качување... Многу терминологии за навидум иста или слична активност.

Која е границата и моментот кога планинарењето поминува во горско качување или во алпинизам, е прашање за човекот за кого планината во сите нејзини форми е состојба, доживување и огледало на личното постоење. Потрагата по „човекот-пајак“ нèдоведе до Игор Талевски – алпинист и претседател на Македонската аплинистичка федерација. Можеби најкомпетентниот кој ќе ни даде одговор на оваа дилема и, секако, ќе нèдоближи многу повеќе до суштината на алпинизмот како спорт, активност и како начин на живеење.
 
Ваш аптекар: Дефинирањето на алпинизмот, единствено како спорт, е недоволно ако се земе предвид што сèе содржано во оваа активност. Која е вашата дефиниција за алпинизмот и може ли накратко на нашите читатели да им ги објасниме разликите меѓу неколкуте категории на активности поврзани со планините, како планинарење, високогорство, алпинизам?
 
Игор ТалевскиАлпинизмот за разлика од планинарењето и т.н. високогорство, штоподразбира планинарење во „високи гори“ т.е. високи планини, не цели кон врвот или височината како основна инспирација, туку цели кон начинот на кој тоа качување ќе се направи, па макар врвот и не бил достигнат. Кога алпинистот набљудува некоја планина, тој во неа гледа голем број можности за истражување, а не врв или надморска височина. Тоа што е мотивација за алпинистот е да отиде во некоја од тие линии, каде што не бил никој претходно, во што помал тим, со минимална опрема, без оштетување на карпата со цел и следните кои ќе дојдат по него да имаат исто искуство како него. Во алпинизмот, пред сèе важен стилот, а не достигнувањето на врвот или надморската височина по која било цена.
 
Ваш аптекар: Откако ги расчистивме овие дилеми, да се задржиме малку повеќе на алпинизмот. Што е она што, од една страна, ќе роди љубов да се танцува на карпите, а, од друга страна, да и се напркоси на гравитацијата и да се влезе во една екстремна состојба во која и животот може да биде доведен во прашање?
 
Игор ТалевскиДве работи: љубов кон планината и суштинската, внатрешна потреба кај човекот да еволуира и да се надминува. Сèпочнува од основната потреба кај човекот да сака да биде во природата, да сака да пешачи по планините, да им се радува на цвеќињата и дрвјата, да ужива во погледот кон долините, да ја сака планината со сиот свој здив. И потоа, многу природно, како и во секоја друга активност во која сме се впуштиле како луѓе, да сакаме да се надминеме, да уживаме во неа во други катчиња, каде што треба малку повеќе опрема за безбедност, треба многу повеќе тренинг за физичка и психичка подготовка итн.
 
Ваш аптекар: Во една прилика имате споменато дека алпинистот комуницира, разговара, ја „чита“ карпата. Што точно значи ова?
 
Игор ТалевскиКога алпинистот ја гледа карпата пред себе, тој во неа гледа многу детали, кои „обичните луѓе“, колку и да ја сакаат природата и планината, не ги гледаат. Карпата преку својот релјеф, преку многуте форми во неа, на алпинистот му нуди одредени приказни, а тој со своето искуство треба да одбере една од нив. Речиси никогаш алпинистот не застанува пред невидена карпа и на неа се качува „на невидено“. Процесот е малку подолг: ја набљудува во живо или преку фотографии, ги следи тие линии кои се како исцртани пред него и тргнува во нешто што е во тој момент некаков тренинг или предизвик за него. Истата таа комуникација се случува и внатре во карпата, каде што таа нуди уште поситни такви детали и алпинистот треба да ги препознае и качувањето да има некаков природен тек.
 
Ваш аптекар: За многумина од нас, првата перцепција за алпинизмот е неговата „опасност“, односно екстремност. Сведоци сме на многу трагедии поврзани со алпинизмот. Колку навистина е опасен алпинизмот сам по себе, односно колку е безбеден?
 
Игор ТалевскиПрво, не би се согласил со констатацијата дека има многу трагедии во алпинизмот. Многу често мислам дека медиумите претставуваат одредена трагедија како алпинистичка, само затоа што се случила некаде во планината и/или околу некои карпи. Второ, линиите кои се поминуваат во качувањето на карпите или мразевите, имаат прецизно зададени технички тежини. Секоја алпинистичка насока има своја „оцена“. Постои систем, скала која прецизно ги претставува тежините. „Екстремно“ е прилично слободен опис на работите гледано од надвор во спортот, а тој израз во спортот ретко се користи бидејќи секој си има некој свој „екстрем“, некоја своја горна граница. Така што, колку што човек се приближува до горната граница на денес возможното за него, секако дека станува сèпоопасно, но во таа долна граница, кога се качува, на пример, некоја многу лесна насока, во убави временски услови, со добро поставена безбедност, во контролирана средина, скоро и да нема опасност, ако се одземе човечкиот фактор.
 
 


Ваш аптекар: Дали негогаш лично при вашите искачувања животот ви бил доведен во прашање?
 
Игор ТалевскиМислам дека не. Не можам да знам што би се случило ако сум паднел во одредено качување, поради помалку/пооддалечено поставено обезбедување или послаба поставена точка за обезбедување, бидејќи не се случил тој пад во тој момент. Исто така, не можам да знам што во релјефот на карпата додека сум качувал, ако временските услови биле поинакви, што од таму горе некаде, нешто можело да падне надолу кон мене. Или што ако заврнело порано, што ако искачувањето завршело малку подоцна во ноќта итн. Тоа би биле само претпоставки. Во секој случај, се обидувам да бидам постојано целосно фокусиран на тоа што го правам во моментот и не ги негувам овие размислувања.
 
Ваш аптекар: Често е и прашањето од каде толкава сила и ментална концентрација да се поминат сите препреки и безбедно да се стигне до целта? Потребни ли се посебни вештини, тренинзи?
 
Игор ТалевскиТренингот е многу важен, секако. На почетокот многу повеќе техника, опрема и качување – физика, а потоа сèповеќе и повеќе – психичка подготвеност. Тоа е затоа што на почетокот се качуваат лесни линии, каде што многу често, на пример, се качуваат и дечиња и таму се учат најосновните техники на движење и поставување на телото, работа со опрема, обезбедување, комуникација со партнерот итн. Потоа, ако некој сака да качува потешки линии, психичката подоготовка станува многу важна, бидејќи техниката на качување и обезбедување е иста како и за полесните работи, но кога доаѓате блиску до точка на пад или се движите во терен каде што нема можност за често и сигурно поставување на точки за обезбедување, многу е важно да знаете да се справите со вашиот ум и сите напади кои однатре ќе почнат да ви се случуваат. Сето ова, најлесно се решава со што почест престој во природа и на карпа. Колку што почесто тренингот се случува таму, толку целиот тој физички и психички момент станува многу полесен за справување.
 
 
Ваш аптекар:  Колку храната е важна кај алпинистите? Многу често искачувањата можат да траат и со денови. Се преспива во карпи, мразеви, висејки на некоја литица. Што е важно за еден алпинист кога зборуваме за храната? Има ли посебно мени, режими на исхрана?
 
Игор ТалевскиКако и за секој друг спортист, така и за алпинистите, исхраната е многу важна. Сепак, јас како вегетеријанец, речиси 20 години, не можам моето мени или режим на исхрана да му го наметнам на некој кој тоа не го практикува, а посебно секако не за време на некоја акција. Нема еден метод, мени или режим кој им одговара на сите. Тоа многу зависи од повеќе фактори: должина на линијата на качување и должина на престојот во карпата, надморска височина, животни навики итн. Сèтоа треба да се стави „на вага“ и за време на искачувањето да има рамнотежа помеѓу потребните хранливи намирници за снабдување со енергија и леснина во ранецот што е правопропорционално поврзана и со леснина/брзина на движење, што е многу важно.
 
 
Ваш аптекар: Опишете ни како изгледа еден појадок или вечера на карпа J
 
Игор ТалевскиВо зависност од искачувањето и пристапот кон храната во однос на должината и тежината на линијата која се качува, тоа може да се сведе од јадење на само по некој енергетски или протеински бар или гел, па сèпошаренолика сува храна и соодветен, малку пообемен оброк кој се готви во специјални горилници ако за тоа тимот има место, потреба и организирана логистика. Ова многу варира во зависност од ситуацијата и е многу личен избор.
 
 
Ваш аптекар: Кој сèможе да се занимава со оваа активност? Дали е само за посебно храбрите, авантуристите, трагачите по недопреното или? Има ли возрасна граница?
 
Игор ТалевскиСекој кој е силно вљубен во природата и планините и кој ќе ги почитува кога тие ќе стават некаква граница пред него, а тој нема да се обиде да ја помине на секаков можен начин за да ја „освои“, можат да се занимаваат со оваа активност. Дали е за храбрите? Да, алпинизмот е за тие кои храбро можат да донесат одлука да се повлечат кога тоа ќе треба да се направи. Дали е за авантуристите? Да, за авантуристите кои, би парафразирал едни колеги од Бугарија, ќе увидат дека и 3000 мнв се 8000 мнв! Дали е за трагачите по недопреното? Да, за трагачите по недопреното внатре во нас, радувајќи му се, уживајќи и почитувајќи го недопреното во природата околу нас! Оваа активност е за секој кој има голема почит кон планините и сака да се надминува на прилично фер начин, не спуштајќи ги нив на негово ниво, туку кревајќи се за да ги достигне.

Нема возрасна граница: од аспект на долна граница, може да се почне со качување уште на најрана возраст, па полека да се влегува во алпинизмот и неговата суштина, а од аспект на горна граница, сведоци сме на добитници на признанија за сериозни алпинистички достигнувања и во највисоките планини и кај колеги кои се и во шестата деценија од својот живот.
 
 
Ваш аптекар: Во последно време се има чувство дека имаме експанзија и помасовно практикување активност на планина и непристапни места. Колку во Македонија кај младите има интерес да се биде алпинист, во вистинска смисла на зборот?
 
Игор ТалевскиСè повеќе луѓе, млади и стари, покажуваат интерес дека сакаат да качуваат и секако, меѓу нив има и такви кои сакаат да станат алпинисти во вистинска смисла на зборот, со сите тие филозофии околу тоа дека „патот е поважен од целта“. :) Има и такви, кои едноставно само сакаат да станат фејсбук алпинисти и херои, но тоа веројатно го има во секое поле на делување денес, а и не само кај нас. Тоа што според мене, сепак, е најважно и нешто за што треба повеќе и почесто да се зборува во заедницата, нешто на што треба сериозно да му се обрати внимание е тоа дека сите тие сакаат тоа да им биде инстант искуство, „фаст фуд“, а така не оди. Во овој спорт, многу повеќе од други, темелно граденото искуство е многу важно, бидејќи сепак без тоа, последиците по здравјето можат да бидат многу сериозни, а планините од друга страна, пак, нема да избегаат. Многу ми е чудно како луѓето денес многу лесно прифаќаат да бидат водени, да бидат клиенти и да зависат од некој друг, наместо да посветат малку повеќе внимание на себе и да израснат во самостојни качувачи, подготвени да се справат и да учат како да си помогнат самите на себе во која било ситуација.
 
Ваш аптекар: Дали сметате дека располагаме и со доволно стручни лица, клубови и инструктори кои своите вештини и искуства ќе ги пренесат на младите генерации?
 
Игор ТалевскиВо овој момент, чувствувам дека недостасува квантитет на луѓе кои можат да посветат соодветно време: како на почетници, така и на колеги кои треба да бидат дообучени, но работиме на тоа. Квалитет, секако, не недостасува! Бројот на луѓе заинтересирани да почнат да го работат овој спорт, а секако и да продолжат да растат во него, расте секојдневно и се надевам дека ќе имаме капацитет да се организираме и да одговориме соодветно.
 
 
Ваш аптекар: Покрај екстремен, алпинизмот важи и за „скап“ спорт. Ако велиме дека животот ни виси на јаже, колку опремата е важен дел и дали епитетот „скапа активност“ е издржан?
 
Игор ТалевскиОпремата е скапа, но тоа не треба никого да го одврати. Ова не е спорт „за елитите“. Со зачленувањето во некој од алпинистичките клубови, во огромна мера тој финансиски товар се олеснува, бидејќи клубовите можат да помогнат, како со колективната опрема која е потребна за тренинзите и искачувањата, така и со покривање на дел од потребната лична опрема. Така што, да, ако се гледа бројот т.е.  цената на сета потребна опрема сама по себе како број, износот е голем, но за среќа низ годините во клубовите се има акумулирано опрема која му се става на располагање на членството и инвестициите не се страшни. Понатаму, повторно заеднички, колективно, таа опрема членовите си ја обновуваат.
 
Ваш аптекар: Се чини дека локалитетот Mатка е домот за сите aлпинисти. Колку Mакедонија е атрактивна и географски е плодна со локации за љубителите на карпите?
 
Игор ТалевскиНа Матка сме се навикнале некако со децении многу често да организираме широк спектар на активности: од реализација на различни тренинзи и подготовки, испити за алпиниситички звања, работа со почетници итн. Но, во Македонија има убава понуда на локации кои во моментов се работат сèповеќе и нови кои допрва треба „да се откријат“: карпите околу Демир Капија, амфитеатарот под Солунска Глава, карпите околу Прилеп, Штип, Маврово, Охрид, качување на мраз во близината на Патишка Река, по долината на Радика, кулоари на Лешница и многу, многу други локалитети и можности. Мислам дека и покрај тоа што Македонија е мала земја, таа има и тоа како што да понуди и тоа на дофат до сите нас. А веќе сèповеќе станува и атрактивна и за алпинисти и од други земји, кои со својата посета и движење и енергија, дополнително ќе придонесат како во популаризацијата на овој спорт кај нас, но секако и во развојот на туризмот во сите овие региони.
 
Ваш аптекар: Ваша препорака или совет за нашите читатели?
 
Игор ТалевскиСекој кој барем малку чувствува потреба да ги истражува планините во нивните тајни катчиња, да не остави тоа да се случува на импровизиран начин и да учи од некој кој „има искуство“, туку веднаш да се обрати во клубовите при Македонската алпинистичка федерација, за да добие соодветна обука, за техника за качување, ракување со опрема итн.

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.