Сподели со пријателите

Велосипедизам со Игор Талевски

Наш добро познат соговорник, врвен македонски аплинист и спортист. Љубител на карпите, планините, мразот и на височините. Трагач по непознатото и предизвиците. Овојпат Игор Талевски во еден поинаков разговор. Разговор за велосипедот и за производот кој се добива од една одлука во која алпинистот (тој) решава сериозно да вози велосипед. 

 

Велосипедот несомнено станува важна алатка во нашето секојдневие. Средство за брз, евтин и алтернативен транспорт. Средство за спортување, рекреација, дружење и за авантури. Но сè повеќе велосипедот станува и средство со кое точките А и Б кои треба да ги изминеме се оддалечени илјадници километри. Средство за тестирање на границите на издржливост и ментално и физичко себенадминување. Ултракилометарски дистанци од кои и помислата да се изминат со кола претставуваат вистински предизвик. Во дел од такви искушенија годинава го гледавме токму Игор Талевски, кој во само дваесетина дена измина околу 6.000 км на својот велосипед.

Најпрвин на рутата од 1.400 км во Хрватска, а веднаш потоа и на ултратрката „Норт Kејп 4000“ која што годинава почна во италијанскиот град Арко, а се возеше до Северниот ’Рт во Норвешка. 


Ваш Аптекар:  Врвен алпинист кој летово направи сензација и ја разбранува спортската јавност со овие две велосипедски возења. Што Ве поттикна да влезете во светот на овие ултрамаратонски и супертешки трки?


Игор Талевски: Уф, пред сè, многу далеку сум од врвен алпинист, а само се замислувам дека сум просечен :). Тоа што ме поттикна да влезам во возењето на велосипед во ултра долги трки, е истото нешто што ме поттикна и пред дваесет години да почнам да работам алпинизам, да се обидам да се надминам себеси на внатрешен и на надворешен план. И двете активности, алпинизмот, а и велосипедизмот, на толку долги растојанија, ми покажаа дека навистина имаме многу силни, а неоткриени работи внатре во себе – квалитети и капацитети, како сакате, и во моментот кога полека малку ќе почнете да подѕирнувате во тој свет на навистина бескрајни можности, станувате навлечени да откривате сè повеќе и повеќе. Алпинизмот и велосипедизмот на долги растојанија за мене се еден вид медитација во движење – откривате многу за надворешниот свет, но, притоа, учите и многу за себе.

 

Ваш Аптекар: Речиси секој од нас, повеќе или помалку, извозил одредена дистанца. Но, помислата во еден ден да се извозат 350-400 км, и тоа во низ од повеќе денови, е малку непоимлива. Што е потребно за едно вакво вртење на педалите? Имаше ли нешто што посебно Ве мотивираше и Ви даваше сила да се продолжи?


Игор Талевски: Пред сè, треба, секако, чисто и искрено да се сака тоа што се работи. Во случајов да се вози велосипед. И чекор по чекор. Кревачите на тегови не почнале веднаш да креваат 200-300 кг. Почнале со 5-10 кг. Така и тој концепт на возење на велосипед на долги растојанија во повеќе денови по ред е мускул кој треба да се вежба. На пример, за тие кои живеат во Скопје, се почнува со возење на кеј, па потоа се вози до Матка, па до Козјак, па до Велес, Охрид, па возење два дена низ прекрасната ни Македонија, па 4 дена низ непознатата за мене/нас Хрватска, па понатаму, ако навистина го сакате тоа, возење од Италија, па до крајот на светот :). Две работи ми се основна мотивација, прво да возам низ места кои до тогаш не сум ги посетил и второ, да се обидам при тоа на тоа да му дадам спортски шмек.

 

Ваш Аптекар: Изминаа неколку месеци од трките. Импресиите се сумирани. Какво е сега чувството со фактот дека се извозени најпрвин 1.400 км во Хрватска, а набргу потоа и 4.000 км од Италија до најсеверната точка во Норвешка, каде патем се пласиравте меѓу 10-те најдобри?

 

Игор Талевски: Секој човек би бил среќен и исполнет кога би реализирал некој свој план или сон. Посебно кога за реализација на истиот било потребно силно да ги ангажира својата психа и физика. Среќен сум што овие трки ги реализирав, што ги завршив побрзо од некои мои математики и очекувања и научив многу. Одев чекор по чекор и внимателно, од еднодневни возења по 200 км, па подолги, па дводневни по околу 350 км, па трката во Хрватска која беше околу 4 дена по 350 км, за да се заврши со подолгата трка од околу 13 дена по околу 350 км. Сето тоа го доживувам во моментов како успешно заокружен проект, во кој пред сè научив многу, за себе и за овие трки. Среќен сум и исполнет, си покажав дека можам и сега не ми преостанува ништо друго освен да размислувам за следниот проект :).

 

Ваш Аптекар: Како претседател на МАФ активно работите и се залагате за развој на спортот во Македонија. Каде сме на полето на велосипедизмот?       Експанзијата е несомнена. Колку кај нас има услови за тренинзи на ваков тип возења и што е она што е потребно?

 

 

Игор Талевски: Како претседател на Македонската алпинистичка федерација, заедно со добар дел од колегите, работиме посветенено за развој на         алпинизмот. Нашиот спорт, како и другите спортови во природа, добиваат сè поголемо внимание од сè повеќе луѓе и да, тоа сите го забележуваме.


Не би можел да зборувам за велосипедизмот од аспект на спорт организиран и претставуван од соодветната федерација. Првенството во друмски велосипедизам го следам, но, тука завршува мојата „инволвираност“ во тој аспект од возењето. Можам да зборувам за тоа што јас го правам и тоа е нешто што е на аматерско спортско ниво. Имаме прекрасна земја и како човек кој добри две децении целиот свој фокус го посветил на планините т.е. „бидувањето далеку од асфалтот“, можам да кажам дека имаме прекрасни места за возење на асфалт, т.е. друмски велосипедизам. И толку е едноставно: потребен ви е само друмски велосипед и желба, мотив за возење и/или истражување. Имаме одлични услови за подготовки и се надевам дека од следната година ќе има сè повеќе македонски возачи на ваквите трки на ултра дистанци, бидејќи имаме и човечки капацитет. Треба само малку да поработиме на самодовербата :)

 

Ваш Аптекар: Што е следно?  Дали ќе го видиме Игор на ново поле или нов велоподвиг?
 

Игор Талевски: Не сум сигурен дека во иднина нема да влезам во некое ново поле на играње и себенадминување. Па, јас ни во друмскиот велосипедизам не се гледав пред околу една година. Во моментов, сепак, со волку играчки и игри (уживам во планинарење, алпинизам, скијање, фотографија, велосипедизам), веројатно би почекал некое време да ме понесе нешто друго. Што се однесува до велосипедизмот, веќе имам еден нов предизвик за следната година, кој би се случувал во почетокот на мај, а е нешто слично како трката низ Хрватска од аспект на должина, но овојпат низ Холандија, и се работи за трка од околу 1.700 км. Следната година, сепак, за разлика од оваа, во која за мене доминираше велосипедизмот, би сакал конечно да штиклирам и некои алпинистички искачувања за кои размислувам веќе подолго време. Се надевам на убава шарена година :)

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.