Сподели со пријателите

КАКАО

Сурово или печено, во зрно или во прав, какаото се смета за една од најздравите намирници. Сепак, првата асоцијација кога станува збор за какаото и неговите облици, несомнено е чоколадата. Мало слатко задоволство пред кое ни боговите не останале имуни.

 
 
За потеклото
Потекнува од топлите краеви на Средна и Јужна Америка, од каде што имало обиди да се пренесе во Европа. Сепак, обидите останале безуспешни, затоа што какаото бара исклучиво топла и влажна клима, и големо количество врнежи. Токму поради тоа, сите плантажи во светот се распоредени во земјите од Западна Африка и Јужна Америка. Најголеми, пак, потрошувачи на какаото се богатите земји на Европа и Северна Америка.

  
Како се обработува какаото?

Плодот се собира рачно кога е зрел и има црвеникаво-кафена боја. Се отвора со мачета и се вадат зрната покриени со пулпа кои се собираат на куп и се оставаат да ферментираат. Ферментацијата е клучна за развој на финиот чоколаден вкус и за губење на горчливиот вкус.
Потоа се сушат, се печат и се чистат од лушпи и разни остатоци. Следува мелење што резултира со добивање паста од какао путер и какао ликер. Ликерот се преработува во прав, што е, всушност, најздравата форма на чоколада што постои. За жал, во комерцијални цели, на какао правот му се додава шеќер и се добива познатата црна чоколада. Со додавање на дополнително количество шеќер и млеко се добива млечна чоколада.
 


Зошто е здраво?

Отсекогаш се верувало дека употребата на какаото има влијание врз долговечноста и здравјето.
Доказите за употребата на какаото во здравствени цели датираат од пред 3000 години. Ова се должи на присуството на преку 300 хемиски активни компоненти меѓу кои есенцијални витамини, минерали, олигоелементи и антиоксиданти. Поради ова, какаото се вбројува и во категоријата на супер-храна.
 
Супер-моќен антиоксидант
  

3 пати помоќен од црвеното вино
20 пати помоќен од зелениот чај
10 пати помоќен од боровинките
( графички приказ)
 
Овие вредности се однесуваат на суровата форма на какаото. При преработката, се губи дел од овие карактеристики
 
Витамини и минерали
Суровото и органското какао се богат извор на витамини и минерали:Б1, Б2, Б6, Е, Ц, минерали, сулфур, хром, магнезиум, железо, цинк, калиум. 

Сладок начин за превенција и справување со симптоми на анемија
Какаото е одличен извор на железо. Доколку сте анемични или сте во ризична група и треба да превенирате анемија, се препорачува секојдневно внесување какао. Едноставно, направете си топла напивка и комбинирајте ја со парче овошје за внесување на витамин Ц. Има ли посладок начин од овој?!
 
Идеално за дијабетичари
Содржи значителни количества на магнезиум и хром. Токму овие компоненти имаат функција за регулација и баланс на шеќерот во крвта, поради што е погодно и препорачливо за употреба кај дијабетичари.
 
За здрава кожа и цврста коса
Поради изразените антиоксидантски својства и присуството на широка лепеза на витимини и минерали, какаото е добро за здравјето на кожата, а според понови научни тврдења има поволно дејство и против опаѓањето на косата.
 
Идеално за ментален фокус и за добро расположение
Суровото какао ја содржи супстанцијата фенилетиламин, позната и како „љубовна хемикалија“, којашто нашето тело ја лачи кога сме заљубени. Се смета дека на оваа состојка се должи „зависноста“ од чоколадата.
Позитивно влијае на нашите чувства и расположение, бидејќи го зголемува нивото на ендорфин и серотонин. Исто така, влијае врз ослободувањето и на останати благи стимуланси, присутни во организмот, заради што може да биде одличен избор во отстранување благи форми на депресија или, едноставно, за подобрување на расположението.
 
Го „бистри мозокот“ и штити од мозочни удари
Редовната консумација на какаото докажано го подобрува фокусот, менталните функции и го подигнува нивото на енергија. Флавоноидите присутни во какаото ја подобруваат циркулацијата и ја забрзуваат дистрибуцијата накислород до мозочните клетки и на овoј начин ги подобруваат менталните фунции.
 


Какаото и чоколадата
Како најквалитетни и најздрави се сметаат чоколадите кои содржат најголемо количество какао. Тука спаѓаат таканаречените црни чоколади кои во својот состав содржат од 70-85% какао маса. Сепак, колку повеќе какао – толку погорчлив вкус, односно толку помалку шеќер.
 

Сурово или преработено

Се препорачува дневно да се внесува 6 г какао. Најдобро е да се консумира во органска и во сурова форма (цело зрно, парченца од зрна или прав).
Сепак, вкусно подготвено како напивка или неколку коцки темна чоколада, исто така, се подеднакво препорачливи.
Одредени форми на какао во прав кои може да се најдат на пазарот, може да бидат збогатени и со шеќер, па поради тоа е важно да се внимава на изборот.
 


Интересни факти

- Направена е паста за заби од чоколада
- Плодот од едно дрво какао (лат. Theobroma cacaoили на грчки „храна на боговите“) од една година преработен во какао ликер, какао путер или какао прав, е доволен за изработка на 500 г чоколада
- Какаото било главна валута на размена и плаќање на Ацтеките
- Чоколадата била користена за криумчарење на кокаин
- 1 Октомври е Светски ден на какаото и чоколадата
- Секоја година во светот се произведуваат 3 милиони тони чоколада
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.