Сподели со пријателите

МАЈЧИНА ДУШИЧКА

Повеќегодишна ароматична билка, со нежни цветови и со прекрасен и карактеристичен мирис. Одамна позната и употребувана, како во народната, така и во научната медицина. За лековити цели се употребуваат расцветаните делови кои внимателно се собираат, се сушат и, на тој начин, се чуваат и се употребуваат во текот на целата година.

 

Mајчината душичка вирeе на места изложени на сонце и на топлина и, поради тоа, најчесто може да се сретне на суви каменести предели, планински пасишта, ливади и на места каде што има топла почва.

Освен како мајчина душичка, народот ја нарекува и душица, див босилек, темјаника и сл. Цвета некаде кон крајот на мај, почетокот на јуни, а лековитите својства се наоѓаат во листот и во цветот.

 

Активни компоненти

Растението содржи високи концентрации на етерични масла. Најважна состојка во мајчината душичка е тимолот, кој го има во етеричното масло и тоа во количество од 20 до 54%. Покрај ова, содржи и танини, горки супстанции, железо, калциум и витамин Ц.

 

Лековити својства

Мајчината душичка, пред сè, има антивоспалително и антимикробно дејство. Таа е добар антисептик на внатрешните органи, органите за дишење и на урогениталните органи. 

Помага во искашлувањето на секретот од белите дробови и во намалувањето на  болката во градите. Токму поради ова, се употребува при лекување на воспаление на дишните патишта и на белите дробови (бронхитис, бронхопневмонија, бронхијална астма, ларингит и туберкулоза).

 

Се препорачува за лекување и за олеснување на симптоми на мигрена, на бубрежни и желудочни тегоби.

 

Поволно влијае на сите внатрешни органи, го смирува организмот и ги зајакнува нервите. Се препорачува при состојби на несоница и на депресија.

 

Чајот од мајчина душичка е ефикасно средство за да се ослободите од стресните денови и за да се релаксирате.

 

Позната е и како ефикасен лек за женските болести. Го регулира менструалниот циклус и, во форма на етерично масло, се употребува против габични вагинални инфекции. Исто така, помага при болки и грчеви во матката, како и при менструални болки. 

Екстрактите од мајчината душичка, позната како Thymus mastichina, штитат од рак на дебелото црево.

 

Екстрактите издвоени од мајчината душичка се покажале како многу ефикасни во третман на акни. Освен што ги уништуваат бактериите кои ги предизвикуваат акните, мајчината душичка делува благотворно и на сите воспалителни поцеси на кожата на лицето.





Подготовка на чај од мајчина душичка

Чајот од мајчина душичка никогаш не треба да се вари во отворен сад. Мајчината дишичка содржи лесно испарливи лековити состојки и, при варење во отворен сад, тие може да испарат, па, така, подготвениот чај губи дел од лековитите својства. Затоа, за да направите добар чај, ставете една супена лажица мајчина душичка, потопете ја во 200 г врела вода, поклопете го садот и по половина час исцедете ја течноста, засладете со мед и уживајте во вкусна топла напивка.

 

За инхалација

Мајчината душичка, исто така, може и да се инхалира. Со ова се постигнува двоен ефект при искашлувањето. Се обезбедува добра хидратација на организмот и водена пара која содржи лековити состојки од мајчината душичка, со што секретот во бронхиите успешно се разложува.

 

За испирање на усната шуплина

Во 1 дл ставете 5 г мајчина душичка и оставете да отстои преку ноќ. Наутро, процедете и вака подготвената течност користете ја за испирање на грлото или за чистење нечистотии и мозолчиња на кожата на лицето.

 

Во кулинарството

Во кулинарството, може да се користи како зачин во различни јадења и тоа свежа или сушена. Се додава на јадења од зеленчук, месо, салати, чорби и сосови. Поради изразените ароматични својства, се употребува во мали количества. Исто така, се користи и за подготовка на чаеви и на напивки. Се употребува и како пријатен и безбеден конзерванс.

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.