Сподели со пријателите

КЕФИР

 

Сличен како јогурт, но е повеќе од тоа. Кефирот е напивка со киселкав и специфичен вкус и со кремаста млечна структура. Се добива со збогатување на млекото со таканаречени кефирни култури кои, во суштина, претставуваат симбиоза на корисни бактерии и габи.

 

Потекло
 

Оваа магична напивка потекнува од кавкаскиот регион и има историја долга повеќе од 2000 години. Жителите на Кавказ, нивната виталност и долговечност ја должат токму на секојдневното уживање на оваа лековита напивка. Денес, кефирот како напивка е распространета и позната ширум светот, особено поради неговите веќе научно потврдени здравствени придобивки.

 

Нутритивен профил
 

Во една чаша кефир има само околу 100 калории, 10 грама протеини и 20% од дневните потреби за калциум. Изобилува со железо, јод, а присутен е и целиот Б комплекс, како и витамините К2, фолна киселина и витамин Д. На сето ова, кефирот е значително осиромашен од лактоза,  па е погоден и за лица толерантни кон лактоза. Значајно е да се нагласи и присуството на   аминокиселината триптофан, што во кефирот ја има во големи количества.

 

Кефирот е супер извор на пробиотици. Содржи дури трипати повеќе видови добри и полезни микроорганизми од јогуртот!

 

Чаша здравје и долговечност 
 

Кефирот добиен од млечни кефирни култури дејствува како супер чистач на организмот. Ги отстранува и ги неутрализира сите токсини кои по разни начини стигнуваат во нашето тело (храна, загадена аеросредина, неквалитетна вода и пијалаци и сл.)  Кефирот ги храни клетките во организмот со животоважни материи, ги прочистува, ги подмладува и истовремено  од организмот ги елиминира мртвите и деградирани клетки.

 

Денес, кефирот се смета како еден од најмоќните и најбезбедни природни антибиотици. Претставува моќен природен поттикнувач на имуниот систем и е незаменлив во одржување на здрава цревна флора и здрав дигестивен систем. Редовното секојдневно користење во период од најмалку 2-3 месеца, може значително да помогне или сосема да ги отстрани симптомите на гастритис, а на подолг рок и на чир на желудник. Меѓу другото, редовна консумација на кефир може да помогне:

 

  • За нормализирање на висок крвен притисок
  • Ослободување од симптоми на замор, депресија и несоница
  • Отстранување на камен и песок во жолчка и во бубрези
  • Кај бронхитис, астма и алергии
  • При состојби на мрзливи црева и чести опстипации
  • Кај ревматизам и артритис

 

Идеален во диети и одржување на здрава телесна тежина. Заради високата содржина на протеини и други важни нутриенти, ефектот на ситост кој го дава кефирот може значително да помогне да се намалат нападите на глад. Сето ова дополнето со ниската содржина на калории, го прави идеален за сите кои водат сметка за својот изглед и за здравјето.

 

 




Подготовка во домашни услови


Сè што е потребно е кефирна култура и млеко. Кефирните зрна не може да се купат во трговската мрежа, па најчесто „се повикува пријател“ или некој што веќе ги има, ги одгледува и сака да ги сподели. 

Пропорции за добивање на кефир се: 1 рамна лажица кефирна култура на 250 мл млеко, 2 на ½ литар млеко и 4 лажици на 1 литар.

Подготовката е едноставна: во стаклен сад (тегла) ставете ги кефирните зрна и прелијте со млеко со собна температура. Покријте ја теглата со газа или со пластичен капак, но не целосно, за да може културата да дише. Оставете го садот 24 часа на собна температура. Најдобро е постапката секогаш да ја правите во исто време (навечер или наутро). По 24 часа, добиениот кефир процедете го низ пластична цедалка промешувајќи со пластична или со дрвена лажица (во процесот не користете метал). 

Културата која ви е останата во цедалката, исперете ја под млаз чиста ладна вода, па повторно вратете ја во теглата која претходно сте ја измиле. Дополнете со млеко и повторувајте го циклусот секој ден. Процедурата е едноставна, но секојдневна. Доколку не се повторува секој ден, може да се промени бојата, да се изгубат лековитите својства и дел од културата да изумре.

Со повторување на постапката, културата се размножува, па количеството млеко за подготвување на кефир се зголемува сразмерно на количествата зрнца. Доколку не сакате да подготвувате поголемо количество, најдобро е вишокот наместо да го фрлите, да го подарите некому.

 

Ако не сте во можност

Доколку сте отсутни на неколку дена и не сте во можност секојдневно да се грижите, кефирните зрна може да ги чувате во стаклена тегла од 3 литра и ќе ги прелиете со половина вода и половина млеко. По враќање, зрната ги миете и повторно го започнувате циклусот како претходно. Доколку, пак, сте отсутни на долг рок, кефирната култура може да ја ставите во замрзнувач (без млеко или вода). За да ја обновите, извадете ја и држете ја во вода на собна температура до целосно одмрзнување. Измијте ја и започнете го циклусот.

 

Како да се употребува

 

Напивката за цел одржување на здравјето и виталноста може да ја пиете секојдневно. Најдобро е да се започне со 100 мл дневно. Стандардната дневна доза изнесува 200-250 мл која може да се испие наеднаш или да се подели во неколку дози. Доколку се користи наменски во терапевтски цели, во зависност од намената, може да се пие од  500-1000 мл. Последната доза е препорачливо да се земе околу 30 минути пред спиење.

 

 

Кефирната култура бргу се размножува, па најдобро е вишокот да го подарите некому!

 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.