Сподели со пријателите

ИМЕЛА

Уште од многу одамна, белата имела се споменува во многу нордиски и келтски легенди. Таа за некои народи претставувала лек за сè, а за некои и божествено растение. Античките народи ја користеле како лек за многу болести. Била признаена и користена и од познатите исцелители како Хипократ и Рудолф Штајнер.

 

Белата имела (Viscum album fam. Loranthaceae) e мала, зелена и грмушеста, висока до 1 м, а живее како полупаразит на разни листопадни дрвја, ели, борови. Лисјата на имелата се дебели, кожести, зелено-жолти, додека стеблото е дрвенесто зелено-жолто, заоблено. Плодот е белузлава или провидна, тркалезна сочна бобинка којашто е полна со слузава леплива маса. Цвета од март до мај, а плодовите созреваат од август до ноември. Како активен дел од растението се користат лисјата и младите гранки кои содржат алкалоид вискотоксин, инозитол, флавонски хетерозиди, восок, слуз, холин и други состојки. Хемискиот состав и лековитоста зависат и од дрвото-домаќин на коешто живее имелата.

 

Медицинска примена
 

Под дејство на активните состојки кои ги има, влијае на нормализирање на метаболизмот на целиот организам. Има значаен ефект за регулација на крвниот притисок и за смирување на т.н. „нервозно срце“. Сите симптоми кои настануваат како резултат на високиот крвен притисок, како што се  нагол прилив на крв во главата, вртоглавица, зуење во ушите и нарушување на видот, може да се ублажат или да се отстранат со употреба на имелата.
 

Хипотензивното дејство на имелата варира и е во директна зависност од домаќинот на којшто живее. Најизразено е кога живее на круша, а помалку изразено е на јаболка. Белата имела ги намалува холестеролот и триглицеридите во крвта. Има поволно дејство врз функцијата на жлездите, и е одлично средство за поттикнување на метаболизмот. Делува позитивно врз работата на панкреасот, па со редовна консумација на чај од имела кај дијабетичарите може да се очекува  намалување нивото на шеќерот во крвта. И жените треба да пијат чај од имела, особено тие кои се наоѓаат во преодни години, имаат проблеми со циркулацијата, чувствуваат забрзана работа на срцето, чести напади на топлина, тешко дишење, нарушување на менструалиот циклус и сл. Оваа билка помага и при неплодност, а студиите покажуваат дека го подобрува либидото и помага при ерективна дисфункција. Поради пектините кои ги има, има цитотоксичен ефект, односно го спречува понатамошниот раст на клетките на туморот. Го зајакнува имунолошкиот систем и ги намалува несаканите ефекти од хемотерапијата. Екстрактите од имела може да бидат корисни и за заболените од СИДА, бидејќи ги спречуваат секундарните болести кои се појавуваат како последица на оваа болест.

 

Во комбинација со други лековити билки
 

Имелата може да се употребува сама или во комбинација со други лековити билки со слични дејства. Мешавината од бела имела, глог, корен од валеријана, матичина и коњско опавче се препорачува за намалување на крвниот притисок, за намалување на едеми и а подобрување на работата на срцето. Во комбинација со лист од бреза и од коњско опавче, имелата се препорачува кај лица со хроничен нефритис, кој може да биде проследен со хипертензија.

 

Мерки на претпазливост

 


 

Бобинките се користат за надворешна употреба и не се земаат орално бидејќи се токсични. Од нив може да се приготвуваат масти, тинктури, облоги и сл. Имелата не се препорачува кај бремени жени и кај доилки и не треба да се користи заедно со други лекови за срце. Во лекувањето не смее да се користи имела од даб, бидејќи е токсична, а се препознава по жолтите бобинки.

 

Чај од имела

Полна лажица лисја и гранчиња од бела имела се ставаат во шолја и се преливаат со 2 дл вода. Се остава преку ноќ. Наутро, чајот се загрева, се процедува и се пие.

 

Воден екстракт

Лажица прав од имела се меша во 2 дл вода. Се остава да отстои 4 часа, потоа се процедува. Се пие 1 дл наутро и навечер. Правот се добива така што сувите лисја се мелат и се толчат, додека не се добие прав, а потоа се чува во херметички затворен сад.

 

Тинктура од имела

200 г лисја од имела се ситнат, се преливаат со 1 л ракија, се оставаат да стојат 3 недели, а потоа се процедува.

Се зема по една лажичка тинктура со 2 дл течност по избор, два до три пати на ден.

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.