Сподели со пријателите

КИВИ супер овошје

Смарагдно задоволство соуникатен и карактеристичен тропски вкус, идеален во овие студени зимски денови. Потекнува од Кина, каде го нарекуваат „yang tao“,и, некаде на  почетокот на 20. век, мисионерите го пренесуваат во Нов Зеланд, од каде полека се шири низ целата планета. 
 
Кивито е повеќегодишно листопадно растение со широки темнозелени лисја. Плодот е месест, јајцевиден со кафеава влакнеста кора. Има интензивен сочен вкус, со црни семки за кои нутриционистите тврдат дека претставуваат една од најздравите состојки, поради што овој плод го нарекуваат и „суперовошје“. 
 
Кивито, според содржината на диететски влакна, зад себе го остава јаболкото, има поголемо количество витамин Ц од портокалот, а во категоријата на овошја богати со калиум, ја надминува и бананата.

За што сè е корисно?


Едноставната мешавина на фитонутриенти, витамини и минерали во ова ароматично овошје претставува одличен извор за зајакнување на имунитетот, за намалување на нивоата на холестерол, за исфрлање на токсините од организмот, како и за заштита и за здравје на кожата.

Подобрување на симптомите на астма и останати респираторни состојби

Поради високата содржина на антиоксиданти и на витамин Ц, кивито има  значајна улога во контролирање и подобрување на симптомите на астма, воедно подобрувајќи ја и респираторната опструкција при настинка кај деца. Консумирањето киви може да помогне во смирување на кашлицата и надразнетата слузница на носот, како и во подобрување на симптомите на хронична кашлица.

Заштита и подобрена функција на дигестивниот систем

Кивито има значајна улога во одржувањето нормална функција на дигестивниот систем. Во својот состав содржи голем број растителни влакна кои ја потпомагаат дигестијата на храната, а воедно и придонесува за подобрување на симптомите на констипација. Одделни состојки стимулираат лачење на пробиотски бактерии во дебелото црево, го спречуваат размножувањето на Escherichia Coli,со што овозможуваат и поддржуваат нормална бактериска флора во дигестивниот тракт.

За подобар имун систем

Консумирањето киви,, особено во зимскиот период, е од голема важност заради користа која ја има во зајакнувањето на имуниот систем. Потврдено е дека кивијата содржат состојки кои имаат антибактериски, антифунгален и антиинфламаторен ефект, кои се примарни одбранбени механизми во случај на сезонски настинки и грип.

Намирница и за дијабетичари

Најголем број од овошјата кои се користат во секојдневната исхрана содржат шеќери кои може да направат дисбаланс во нивоата на шеќер во крвта кај пациенти со дијабетес. Кивито е безбедно овошје коешто може да го консумираат дијабетичари поради нискиот гликемичен индекс. Покрај ова, содржат голем број растителни влакна кои ја намалуваат апсорпцијата на шеќери низ тенкото црево. Овој ефект кивијата го имаат кога се консумираат заедно и со други овошја и намирници што содржат шеќери, поради што е препорачливо да бидат дел од секојдневниот појадок кај оваа група пациенти.

Позитивни ефекти врз кардиоваскуларниот систем

Секојдневното консумирање киви има позитивен ефект врз функцијата на кардиоваскуларниот систем поради својствата на некои од состојките кои ги содржи. Дејството на овие состојки се споредува со она на аспиринот, односно, го намалува ризикот од згрутчување на крвта, а со тоа се обезбедува подобар проток на крвта низ крвните садови и намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести и атеросклероза. 
Високите количества витамин Ц, витамин Е и калиум придонесуваат за одржување на кардиоваскуларното здравје преку намалување на триглицеридите во крвта и зајакнување на срцевата функција.

За добар вид
Антиоксидантското дејство на витамините А, Ц и Е докажува дека кивијата го намалуваат ризикот за појава на старечка макуларна дегенерација, која е главна причина за губење на видот кај постарите лица. Кивијата содржат лутеин и зеаксантин кои природно ги има и во човековото око, поради што секојдневната нивна консумација придонесува за зајакнување и подобрување на видот, намалена инциденца од развој на катаракта и останати состојби поврзани со видот.

Позитивен ефект врз здравјето кај трудници
Кивито во својот состав содржи фолна киселина која е значајна за одржување на правилен развој на мозочната и когнитивната функција на фетусот кај трудници. Останати витални нутриенти како витамин Ц, витамин Е и калиум, како и одредени флавоноиди, имаат значаен придонес за целокупното здравје и развој на фетусот.

Кога и како да се употребува

Сезоната на кивија трае од септември до ноември, иако се достапни во текот на целата година. Најквалитетни се во периодот помеѓу август и декември. 
Чувајте ги кивијата во најлонска кеса од 4 до 6 дена за да зазреат. Чувањето во хартиена кеса може значително да го забрза процесот на зреење.
 
При купување, бирајте ги плодовите со неоштетена лушпа, без пропаднати делови или исеченици. Зрелите кивија попуштаат под нежен притисок од палецот. Зрели, траат многу кратко, доколку се чуваат на собна температура. Затоа, чувајте ги во фрижидер.
 
Свежите, вкусни и сочни кивија може да се јадат сами или во комбинација со други овошја. Измијте ги со ладна вода од чешма и нежно излупете ја лушпата со нож. Може да ги пресечете и на половина и содржината да ја јадете со лажичка.  
 
Исто така, се користат за приготвување колачиња, пити, сок и мармалад.

Напивка против настинка
-1 киви, 1 портокал, 1 морков, 1 јаболко,1 банана и 1 лимон, се лупат и се сечкаат на парчиња. Се додава 1-2 лажици мед,а потоа со миксер или со блендер се меле целото овошје. По желба,може да се додаде и вода.
Овој пијалак е исклучително богат со витамини и е одличен против настинки во овие ладни зимски денови.
Се препорачува да се пие наутро!
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.