Сподели со пријателите

КАЛЦИУМ

Калциумот е еден од најраспространетите елементи во природата и најзастапен во човековиот организам. Тој е еден од минералите кој е неопходен во нашиот организам и има главна улога во одржување нормална функција на коските и забите. 

 

Калциумот има значајна улога во човековото тело. Тој е активатор на разни видови ензими, задолжен е за спроведувањето на биоелектрични импулси, учествува во процесот на згрутчувањето на крвта, во контракциите на мускулите, како и во синтезата на некои хормони.

 

Освен како составен елемент, калциумот има значајна улога во работата на срцето, мускулите и нервниот систем. Помалку познато е неговото позитивно дејство на органите за варење, крвотокот и метаболизмот. Исто така, калциумот е многу важен во процесот на бременост, лактација и доење, како и во менопаузата кај жените. Ги ублажува ПМС-тегобите и го намалува процесот на стареење.

 

 

Повеќе од 99% од калциумот во нашето тело се складира во коските и во забите, каде, заедно со фосфорот, ги прави цврсти и здрави.

 

За што сè е важен калциумот

 

Улогата на калциумот е незаменлива во процесот на создавање на коскеното ткиво во периодот на раст и развој на децата, како и за време на бременоста и доењето. Тој претставува прва одбранбена линија и оружје за превенција на остеопороза кај постарата популација. 

 

Состојби поврзани со недостаток на калциум

Недоволното внесување калциум во организмот може да предизвика негово „позајмување“, односно преземање од коските (бидејќи таму е најзастапен), што директно се одразува на квалитетот и цврстината на забите и на коските. Забите почнуваат да се расипуваат, а ова влијае и во појавата на остеопороза и остеопенија.

Најчести проблеми поврзани со недостатокот на калциум се:

 

  • Често кршење на коските
  • Кариес. Во принцип, кариесот е резултат на лошата хигиена на забите, но и недостатокот на калциум придонесува во целокупниот проблем, особено кај младите и кај трудниците.
  • Рахитис кај деца. Рахитисот е омекнување и слабеење на коските кај децата, а најчесто се појавува како резултат на екстремниот недостаток на витамин Д кој помага во апсорпцијата на калциумот.
  • Остеопороза. Особено кај постарите. Остеопорозата е заболување на коскениот систем, кое води до намалување на еластичноста на коските и до појава на скршеници.
  • Висок крвен притисок. Личностите кои не внесуваат доволни количества калциум се под поголем ризик од хипертензија. Калциумот може да помогне во благото снижување на високиот крвен притисок.
  • Грчеви и мачнини
  • Нарушен срцев ритам
  •  

Покрај ова, недостатокот на калциум е поврзан и со состојби како:

 

  • Акни
  • Алергии
  • Анксиозност
  • Астма
  • Болни менструации
  • Болки во мускулите
  • Главоболка
  • Здебелување
  • Депресија
  • Конвулзии
  • Неплодност
  • Нервоза и нерасположение
  • Проблеми со косата
  • Проблеми со либидото
  • Проблеми со органите за варење
  • Стрес
  • Хипертиреоза

 

Дневни потреби

Потребите за калциум варираат според возраста и другите состојби, и тоа: 

  • Деца до 3 години – околу 500 мг дневнo
  • Деца од 4 до 8 години – околу 800 мг дневно
  • Деца од 9 до 19 години – околу 1300 мг дневно
  • Возрасни од 19 до 50 години – околу 1000 мг дневно
  • Трудници и доилки – околу 1300 мг дневно
  • За оние кои имаат остеопороза – околу 1500 мг дневно

 

Извор на калциум

Извори на калциум групирани по категории се следните: 

  • Млеко
  • Млечни производи (јогурт, кисело млеко, сирење, кашкавал, кајмак, путер, павлака)
  • Интегрални житарки (пченица, ‘рж, овес, соја, хелда, јачмен, пченка, ориз)
  • Јужно овошје (портокал, киви, мандарини, банани)
  • Риба (лосос, ослич, скуша, сардина)
  • Зеленчук (брокола, блитва, кељ, зелена салата, зелка, спанаќ, грашок, грав, цвекло, краставица, домат)
  • Костенести плодови и семки (орев, костен, бадем, лешник, сусам)
  • Печурки (шитаке, шампињони, вргањ, лисичарки)
  • Овошје (боровинка, малина, капина, смоква, кајсија, грозје)
  • Останати намирници (чоколадо, цимет, сурутка, расол, коприва, тофу)

 

Количество калциум по намирници


 
 

 

Jогурт и млеко

Една чаша обезмастен јогурт содржи 450 мг калциум, што е околу 42% од препорачаното дневно внесување. Чаша обезмастено млеко содржи околу 300 мг калциум.

 


 

Тофу сирење

 

Една порција тофу сирење има околу 250 мг калциум. Тврдите сирења се, исто така, одличен извор на калциум, меѓутоа со нив не треба да се претерува бидејќи содржат и многу маснотии. 


 

Блитва


Содржината на калциум во 200 г варена блитва е околу 270 мг, што претставува четвртина од препорачаното дневно внесување. 

 



Сардина 

Со своите 350 мг калциум на само 100 г, сардините се еден од најважните извори на овој минерал. 




 

Хиперкалцемија

 

 

Високите концентрации на калциум може да имаат свои негативности и несакани ефекти. Истражувањата покажале дека прекумерното земање калциум влијае на појавата на кардиоваскуларни заболувања, инфаркт и мозочен удар. Затоа, особено кај жените, препаратите на калциум веќе не се препишуваат рутински за превенција на скршеници во постменопауза. 

Високите дози на калциум во суплементите доведува до брз скок на неговата концентрација во крвта, што за последица има таложење на овoј минерал во ѕидовите на крвните садови и предуслов е за понатамошни компликации, односно за формирање на калцификати кои го зголемуваат ризикот за појава на кардиоваскуларни заболувања. Затоа, внесувањето на калциум преку додатоци во исхраната треба секогаш да е во договор со лекарот и исклучиво во јасно индицирани ситуации.

 

 

 
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.